На 15.09.2026 во 01:35 часот на булевар „Туристичка“ во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид лишија од слобода 30-годишно лице од Република Албанија.
Претходно, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со охридски регистарски ознаки, удрил во заштитната бетонска ограда помеѓу двете коловозни ленти, а при извршено алкотестирање, полициските службеници, кај него утврдиле 1,75 промили алкохол во крвта, по што веднаш го исклучиле од сообраќај и одземени му се возачките документи. По насоки на јавен обвинител, одземено е возилото и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик „безобѕирно управување моторно возило“, информираат од СВР Охрид.
На 14.09.2026 во 15:15 часот во ОВР Струга е пријавено дека 70-годишно лице од струшкото село Октиси паднал во ископ за бунар во дворно место на куќа во селото што го вршела градежна фирма.
Неговото тело било извлечено од припадници на Територијалната противпожарна единица од Струга, а смрт без траги на насилство констатирал лекар од Здравствен дом Вевчани. Увид извршија јавен обвинител, претставници од Државниот инспекторат за труд и полициски екипи. Врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишно лице од Охрид и негов правен субјект со седиште во охридското село Пештани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „точење алкохолни пијалаци на дете“ по член 204 од Кривичниот законик.
При контроли извршени на 29.08.2026 на плажа со која стопанисувале пријавените, било констатирано дека на четири малолетни лица им било овозможено купување и користење алкохолни пијалаци без да им бидат побарани лични документи и без да се утврди нивната возраст, додаваат од СВР Охрид.
OhridNews












