Бистата на револуционерот Гоце Делчев веќе една недела не стои на постаментот над истоименото основното училиште во с. Подгорци, струшко, каде се одржува културната манифестација „Гоцеви денови“, која годинава одбележува 40-годишен јубилеј.


Бистата, неоштетена, е складирана во училиштето, откако била пронајдена покрај постаментот. Дали паднала, или била извадена, намерно или ненамерно, никој со точност не знаеше да каже.


Претседателот на манифестација „Гоцеви денови“, Влатко Пљушкоски, не сакаше да даде изјава за медиумите. Во кусиот разговор со новинарите тој рече дека бронзената биста подолго време била расклатена, како и дека истата ќе биде вратена на постаментот кога ќе се обезбедат средства за тоа, бидејќи на манифестацијата и биле одобрени едвај 20.000 денари за организација на годинешните „Гоцеви денови“.


Директорот на ОУ „Гоце Делчев“ не беше достапен за медиумите, а вработените во училиштетото ни кажаа дека немаат информации што точно се случило со бистата на револуционерот. Ученици, пак, ни изјавија дека бистата подолго време се нишала и дека најверојатно ненамерно била турната при детска игра, други пак коментираа дека тоа било направено намерно.

OhridNews