Потребно е многу потемелно да навлегуваме во корените на проблемите поврзани со енергетските предизвици, односно заеднички да се справуваме со причините, а не само да ги решаваме нивните ефекти, истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи на Македонскиот енергетски форум – МЕФ 2022 што денеска се одржа во Охрид.

Битиќи, на панелот „Преиспитување на регионалната енергетска безбедност”, како што соопшти неговиот кабинет, потенцирал дека интеграцијата е единствен пат за да се создаде регионална меѓузависност и соработка со што единствено ќе се одрази духот на заедништвото помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.

Во услови на економска, енергетска и воена криза, КОВИД-19 пандемија, мораме да работиме заедно и да се справиме со енергетската криза и да постигнеме геополитичка сигурност. Интеграцијата помеѓу земјите од Западен Балкан како и земјите членки на ЕУ е единствен начин за креирање на одржлива енергетска независност, рече Битиќи.

Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу како учесник на панелот истакна дека се залага за унапредување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и дека изоставувањето на овој регион од европската интеграција претставува безбедносен ризик кој Европа не смее да си го дозволи. Апелираше дека се потребни итни и неодложни заеднички напори на ЕУ и нашиот регион во обезбедувањето на енергетската сигурност и економската стабилност.

Двајцата панелисти со заеднички став дека актуелната соработка во енергетиката е важно геополитичко и безбедносно прашање, а двете соседни земји со примери покажаа дека се спремни да земат водство и да им покажат и на нивните европски колеги за додадената вредност на взаемната регионалната соработка и меѓузависност.

OhridNews