Второто коло од плејофот во ракометната Супер лига носи дерби пресметки кои во голема мера ќе го обликуваат врвот на табелата. Денеска се игра дерби натпреварот помеѓу Охрид и Алкалоид кој е од исклучително значење за пласман во Евро лигата.

Во редовите на Охрид се внимателни оптимисти пред почетокот на натпреварот. „Гладијаторите“ најавуваат борба на секоја педа од теренот и се надеваат дека со поддршка од трибините ќе стигнат до посакуваниот триумф. Се разбира во голема мера за тоа ќе се прашува и противникот, оттаму се очекува цврст натпревар во кој ќе одлучуваат нијанси. Се очекува фокусот да биде ставен на играта во одбрана, која може да биде клучна за исходот на мечот.

Натпреварот има и хуманитарен карактер. На влезовите од салата „Билјанини извори“ поставени се кутии за донации, а собраните средства ќе бидат наменети за малата Ева која се бори со тешка болест.

Дерби средбата Охрид – Алкалоид почнува во 18 часот.

Утре, пак, од 19 часот во Битола се среќаваат актуелниот првак Еурофарм Пелистер и водечкиот тим на табелата Вардар 1961.

Г.М.