Според податоците на општинските изборни штабови на најголемите политички ривали СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, кои веќе имаат обработено дел од изброените гласачки ливчиња, битката за градоначалник на Охрид ќе се води помеѓу актуелниот вршител на оваа функција, Александар Петрески и кандидатот на владејачката партија, Кирил Трендафилов Нанче.

Во ОИШ на СДСМ, владее големо задоволство од досегашниот тек на броењето на резултатите од локалните избори. Оттаму велат дека нивниот кандидат за градоначалник е во благо водство, но сеуште е рано за конечни бројки.

Петрески вечерва даде изјава за медиумите при што истакна дека денешниот изборен ден поминал, во мирна атмосфера.

-Изборниот процес беше фер и очекувам да победам уште во првиот круг, рече оптимистички, Петрески. Тој обвини  дека синоќа бил нарушен изборниот молк и како што рече, се делеле пари и други материјални добра, а директорите на јавните институции ги злоупотребувале службените возила.

ВМРО ДПМНЕ, се огласи со изјава на портпаролот, Јованчо Секулоски. Според него во Охрид имало неочекувана голема излезеност, која според нивните податоци изнесува 61,5%.

-Сепак приоритет е изборите да бидат фер и коректни, бидејќи тие ќе не одведат во ЕУ, рече Секулоски. Тој рече дека не очекува никој да победи во првиот круг, но очекува кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на Охрид, Кирил Трендафилов – Нанче да оди во вториот круг.

Од ВМРО ДПМНЕ информираат дека нивниот кандидат за претседател на државата Ѓорѓе Иванов има големо водство пред останатите кандидати. Пред малку на прес конференција, пратеникот Влатко Ѓорчев објави победа на ВМРО ДПМНЕ во Битола и Прилеп, а најверојатна победа во прв круг најави во Кичево, Вевчани, Пробиштип, Валандово и други места.

Од другите општински изборни штабови засега не ги коментираат првичните неофицијални резултати од локалните и претседателски избори.

OHRIDNEWS