Висока делегација од Катар, на почетокот на март, ќе ја посети Република Македонија, при што ќе се конкретизираат идните проекти кои Катарците планираат да ги реализираат во нашата држава.

Како што соопшти министерството за економија, посетата на катарската делегација била договорена на денешната средба на претседателот Ѓорге Иванов и министерот за економија Ваљон Сараќини со генералниот директор на „Групацијата Катара“ која се занимава со хотелиерство и  има повеќе од 55 хотели само во Катар и 20 во други држави.

Македонската делегација остварила и состанок со генералниот директор на „Катар Ервејс“, кој потенцирал дека до крајот на годинава планираат да отворат и директна чартер линија помеѓу Доха и Скопје.

Министерот Сараќини информираше дека „Катар Ервејс“,  планира да понуди Доха да биде транзит центар на сите граѓани кои  од Македонија патуваат во далечниот исток“.

На средбата која претседателот Иванов и македонската делегација ја имале со премиерот на Катар бил даден јасен сигнал од негова страна до сите министри во катарската Влада дека до крајот на оваа година во Македонија треба да се реализираат конкретни проекти во делот на енергетиката, земјоделството и туризмот.

Продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Катар добива и правна рамка со потпишување повеќе договори во областа на економијата.

OhridNews
извор: Макфакс