Актуелниот претседател на светската фудбалска асоцијација, Швајцарецот Сеп Блатер, во изјавата за саботното издание на холандскиот весник Volkskrant тврди дека челникот на европскиот сојуз УЕФА, Французинот Мишел Платини му се заканувал со затвор за да го убеди да се откаже од кандидатурата за уште еден мандат во ФИФА на изборите кои беа одржан во мај.

Оваа закана, наводно, Мишел Платини му ја кажал на братот на Сеп Блатер во Цирих, неколку часови пред гласањето на коешто Швајцарецот повторно беше избран за претседател на ФИФА. Сеп Балтер потоа причека четири дена да објави дека поднесува оставка и го става својот мандат на располагање. Истовремено американското правосудство подигна обвиненија против десет челни луѓе на ФИФА за наводна корупција при доделувањето на организациите на првенствата под нејзино покровителство, пренесува „Макфакс“.

„Во текот на ручекот, Платини седна на масата на брат ми и му кажал ‘Кажи му на Сеп да ја повлече својата кандидатура или ќе оди во затвор’“, изјавил Блатер за Volkskrant, додавајќи дека ова го дознал од брата си дури неодамна.

Истовремено во саботата извор близок на Платини ги отфрлил овие изјави нарекувајќи ги „измислица“. „Станува збор за последниот во низата обиди на Цирих да го одвлече вниманието на јавноста од вистинските проблеми со коишто е соочена ФИФА“, рекол за AFP неименуваниот извор додавајќи дека „претседателот на УЕФА не сака ниту да го удостои со одговор на тие смешни тврдења“,

Платини е инаку сега официјален кандидат за претседател на ФИФА, што го објави на 29-ти јули. Изборот ќе се одржи во февруари следната година, а засега негов единствен противкандидат е Чунг Монг-јон од Јужна Кореја.

Ohridnews