Во очекување на судската пресуда за наводна клевета кон секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески за што е побарана отштета од  300.000 денари, деновиве од страна на државната комисија за спречување на корупција, советникот и претседател на општинската ЛДП, Дејан Блажески,  добил прекршочна казна во износ од 33.000 денари за непријавен имот кој не е во негова сопственост.

Ниту бил мој, ниту е впишан во мојот имотен лист. Мојот имотен  лист е празен и не поседувам ниту една недвижност. Станува збор за земјоделско земјиште во атарот на селото Врбјани. Имотот за кој поведуваат постапка е наследство од мојот покоен дедо и по неговата смрт е во сопственост на мојот татко и неговите браќа. Затоа сметам дека ова е уште еден обид  да се замолчат опозициските советници со смешни мерки кои ја навредуваат интелегенцијата на граѓаните. Сите добро знаат колку вреди имот во Врбјани, рече на денешната прес конференција советникот Дејан Блажески.

Блажески додава дека треба да плати 33.000 денари казна за имот кој не е на негово име, и кој воедно не вреди ниту 300 денари.

За споредба на пример за 33.000 денари Субрата Рој доби поклон од  550 квадрати атрактивно земјиште покрај езерото (едно евро по метар квадратен) .Или пак ако сакате уште една паралела, неправете компарација на мојот имотен лист како претседател на партија со претседателот  на ОК на ВМРО- ДПМНЕ, Михаилов. Дополнително, небулозите на казнената политика на оваа власт одат до таму што отштета за наводно нанесената  душевна болка која секретарот Спасески ја бара од мене чини 15 просчени плати во РМ или пак неколку дневници за службено патување од Силвана Бонева. Бидејќи секогаш сакам да се издигнам над ситуацијата јавно им предлагам на ДПМНЕ и институциите кои се нивна продолжена рака , овој имот кој не е впишан на мое име , со одобрение од мојот родител да го земат во државна сопственост и да му го дадат на поклон на „ инвеститорот“  Субарта Рој, додава Блажески.

Советникот потенцира дека и понатаму ќе продолжи со поставување на прашањата околу јавно-  приватните партнерства , за блатото, за урбанистичките планови со спорна денационализација , за наводните закани кон професорите , лекарите, пожарникарите, за празните имотни листови на млади наспроти оние на функционерите , за неаргументираните апсења, за иселувањето од Охрид, за раскрчмувањето на државното земјиште, за двојниот морал и дека секоја казна од партиските институции ја доживува како лична награда и награда на демократијата и градот.      

OhridNews