Советникот во Советот на Општина Охрид од редовите на ЛДП Дејан Блажески денеска преку писмено соопштение испратено до медиумите реагираше на изнесените ставови на општина Охрид, поврзани со правниот спор кој го има ОУ „Григор Прличев“.

-Го повикувам Димитар Спасески или да ја повлече изјавата или да објасни со кои судии и адвокати е договорено околу правниот спор поврзан со ОУ „Григор Прличев“? Како советник од опозицијата, ревносно се борам за зачувување на дигнитетот на одговорната функција советник. Имено, на вчерашната седница на Советот на општина Охрид, покрај што беа изнесени навреди и клевети кон советниците од опозицијата од страна на Секретарот на општина Охрид, тој во својата изјава обвини и судии и адвокати. Цитирам: “Да бев јас на суд знаев како да ги бранам, откога сме ние ниту еден судски процес немаме изгубено, затоа што не се договараме со адвокати и судии и за се’ друго за да нанесеме штета.” Оттука, јасно се провлекува прашањето: со кои судии и адвокати е договарано? Изјавата се однесува на правниот спор што го има ОУ „Григор Прличев“,Охрид, вели Блажески.

Тој упати апел до судиите и адвокатите да застанат во одбрана на правниот поредок на државата, лична одбрана и одбрана на дигнитетот на професијата, со цел да не дозволат да бидат предмет на манипулации за политички поткусурувања на поединци.

-Меѓу другото, убеден сум дека постојат и судии и адвокати кои ја вршат својата работа ревносно, чесно и одговорно. Доколку, пак, Секретарот Спасески, поседува информации барам јавно да ги соопшти. Сето останато упатува или на клевета или на прикривање на вистината? Затоа, го повикувам Спасески или да ја повлече изјавата или да се објасни со кои судии и адвокати е договарано? Потсетувам, секретарот Димитар Спасески треба да знае дека како лице вработено во Општината одговорно за правните работи, за разлика од советниците, нема имунитет за работи кажани од советничката говорница, пишува во писменото соопштение Блажески.

OhridNews