„Сивилото“ кое изминативе две децении го зафати централното градско подрачје, на своја кожа го почуствуваа успешните трговци, занаетчии и дуќанџии од Охрид, кои својот леб го печалеле токму тука. Голем дел од дуќаните зјаат празни, а од година во година се повеќе граѓани се одлучуваат да ги затворат сопствените бизниси. Како причини се наведуваат високите цени за кирија, слабата потрошувачка, големите давачки кон државата, немаштијата, како и лошата економска состојба.
Многумина смеетаат дека цените на кириите во чаршијата се „астрономски“, во споредба со животниот стандард на обичниот граѓанин. На месечно ниво, истите се движат од 800 евра па нагоре за деловни простории од 20-тина метри квадратни. Драстично пониски цени нудат сопствениците на дуќани во старата чаршија, каде во просек треба да се издвојат околу 200 евра за 15-тина квадрати.
„Кириите…кириите се високи. Честопати задоцнуваме со плаќање по неколку месеци, но среќа што газдите не толерираат. Сфаќаат во каква ситуација се наоѓаме. Но до кога така? Потрошувачката е слаба. Некогаш чаршијата бруеше од луѓе. Народот земаше редовна плата. Доаѓаа по дуќаните, купуваа. Сега ги чекаме туристите да влезат, да земат нешто, та да имаме за зимоска.“ – вели охриѓанец со сопствен бизнис во охридската чаршија.
Граѓаните велат дека транзицијата на почетокот од 90-тите години ја „опустоши“ Македонија, а сјајот на охридската чаршија неповратно е избледен оддамна.
„Не беше важно дали е лето, есен,пролет или зима. Штом се земеше плата, работниот човек кој заработуваше од охридските фабрики, парите после пладне ги трошеше токму тука. Таа транзиција од која некои се обогатија, е кардинална грешка, по која нема назад.“ – вели стар охриѓанец.
Секој втор дуќан во ТЦ „Амам“ зјае празен
Вториот кат од Трговскиот центар „Амам“ ја отсликува економската моќ на охриѓани далеку од очите на туристите. Доколку некој одлучи да бара деловен простор не поголем од 30-тина квадрати, за истиот треба да издвои од 100 до 250 евра, во зависност од локацијата. И покрај ниските цени, сепак половина од дуќани и натаму зјаат празни.
„Со години го изнајмувам дуќанот. Од време на време, некој ќе се јави, ќе праша, ама останува на тоа. Интересот е слаб, граѓаните немаат пари, а ретко кој бизнис во ова време може да успее.“ – вели сопственик на деловен простор во Трговскиот центар „Амам“.
Слична е ситуацијата и на првиот кат од „Амамот“. Иако поголемиот дел од дуќанџиите се уште егзистираат, сепак можат да се најдат празни деловни простории. Цените за кирија во просек се движат од 240 евра па нагоре, за дуќани од триесетина метри квадратни. Дуќанџиите велат дека единствено се опстанува доколку се заштеди заработеното во летниот период.
„Кириите се високи, едвај ваѓаме за плата, а често пати сме во минус. Во летниот период, гледаме да заработиме, за да се покриеме преку зима. Така тоа оди во Охрид. Но од два месеци не се живее. Давачките кон државата се високи, сметките астрономски. Нема народ, нема кој да купува.Планираме да затвориме, но секогаш постои она трошка надеж. “ – велат дуќанџиите.
Сопствениците на деловни простори кои својот леб го печалат токму на тука, нагласуваат дека потрошувачката од година во година се намалува, а купувната моќ на граѓаните слабее.
„Да не беа наши дуќаните, тешко дека ќе функциониравме. Една до две плати едвај се ваѓаат. Колку да се преживее. Ги чекаме празниците, било верски или државни, малку да живне градот. Останува да се надеваме дека состојбата ќе се подобри. Само тоа ни останува.“ – велат наши сограѓани.
ТЦ Трудбеник нем сведок на транзицијата
Уште поочајна е состојбата со Трговскиот центар „Трудбеник“ во периферниот дел на градот. Во овој „комплекс“, дел од сопствениците на деловни простории една деценија не успеале да најдат закупци. Како што велат охриѓани, бројните здравствени установи кои во изминатите неколку години се отворија во овој центар, се единствената светла точка која ги прикрива трагите од болната транзиција.
Скопските трговски центри, со уште повисоки цени ама работат
Во изминатата година, дневниот весник „Нова Македонија“ објави податоци за цените за изнајмување деловен простор во ГТЦ, „Рамстор“ и „Сити мол“.
„Цената за изнајмување деловен простор во ГТЦ изнесува 60-70 евра за квадрат во делот за пешачка зона. Во трговскиот центар „Рамстор“, кој функционира веќе осум години, цената за изнајмување деловен простор не е променета. Таму цената за изнајмување се движи од 30 до 40 евра, а кај малите дуќанчиња од 30 квадратни метри може да достигне и до 100 евра за квадрат. Деловниот простор во „Сити мол“ се изнајмува за 40-50 евра по квадрат, но со оглед на големината на просторите, трговецот треба да одвои најмалку 3.000 евра за кирија. Во секој трговски центар сепак цената зависи од големината, положбата и атракцијата на дуќанот, дали е на првиот или вториот кат, дали се наоѓа во друштво на познати брендови и колкава е фреквенцијата во тој дел. Дуќанџиите во трговските центри велат дека буквално работат за да бидат на нула, без никаква заработка.“ – објави дневниот весник „Нова Македонија“.
О.Т.