До 90-тите години од минатиот век охридската чаршија беше полна со успешни трговци, дуќанџии и занаетчии. Но времињата денес се поинакви велат старите охридски занаетчии чии фамилии повеќе од еден век се присутни во чаршијата. Она што најмногу ги боли охриѓани е празнината и „мртвилото“ кое изминативе 20-тина години го зафати централното подрачје на градот.
Занаетчиите за овој проблем, ја обвинуваат немаштијата, лошата економска состојба и транзицијата која на почетокот од 90-тите години ја „опустоши“ Македонија. Стариот охридски мајстор Климент Талев, кој од 50-тите со својот оригинален охридски бисер е присутен во чаршијата, вели дека истата веќе оддамна го изгубила својот сјај.
„Охридската чаршија до пропаѓањето на СФРЈ беше жива. Не беше важно дали е лето, есен,пролет или зима. Штом се земеше плата, работниот човек кој заработуваше од охридските фабрики, парите после пладне ги трошеше токму тука. Чаршија тогаш бруеше како кошница од пчели. Јас сум сведок на тие собитија. Мнгоу ми е криво како стар охриѓанец, што се дозволи да се направи таа транзиција, која според мене е најголемата кардинална грешка на Македонија.“ – вели Талев, чија фамилија од 1924-та година на сосема автентичен начин ги изработува охридските бисери.
Тој истакнува дека во охридсkaта чаршија некогаш се вртеле милиони, а денес се случува во дуќаните да не влезе ниту еден човек.
„Денеска прометот кој дуќанчината го прават во охридската чаршија, може да се изброи на прсти. Се случува во мојот дуќан, како и тие од каршија мене, жив човек не влезе. За 8-ми март, тројца муштерии ми влегле во дуќанот, а порано за на овој ден не сум можел дома да си одам. Сум отворал од 7 сабалје, па се така до десет навечер. Имаше за секого, како за државата, така за мене и за градот.“ – истакнува Талев.
Стариот охридски мајстор вели дека во минатото охридската чаршија која се протегала од денешниот плоштад, па се до вториот чинар, нудела се што му е потребно на едно домаќинство. „Имавме три стокови куќи во чаршијава, една кај чинарот, едната Први мај и Охридска трговија. За жал со транзицијата, тие фирми пропаднаа и сега се ситни дуќанчина, каде ретко кој охриѓанец влегува.“ – вели стариот охридски мајстор.
Тој смета дека со развојот на производоството, земјоделието и отворањето на нови фабрики, на чаршијата повторно ќе и се врати стариот сјај.
„Ако нашето село е богато, тогаш селаните кога ќе ја добијат реколтата, ќе ги наполнат џебовите со пари, ќе дојдат тука и ќе купат бисери, златни прстени, производи за домаќинство и така пак чаршијата ќе бруе како некогаш. Градот со својата чаршија, своите антиквитети и своето минато има таква перспектива, што ние сите можеме да живееме како бубрег во лој. Како економист, едно знам. Основната девиза е дека државата која не создава новосоздадена вредност, односно која живее од трговија, неминовно кога тогаш ќе пропадне. Без производство, земјоделие и без да работат фабриките, држава нема.“ – истакнува охриѓанецот Талев.
Охридксата чаршија е полна само во екот на летото
Талев вели дека на градот му се потребни експерти кои ќе знаат како правилно да го развијат селскиот, летниот и зимскиот туризам, како градот би живеел во текот на целата година.
„Новата локална самоуправа, би требало да седни со стручни лица, да размислат што ние треба да направиме за просперитет на охридската чаршија. Таа навистина живее месец и пол, во текот на летото. Но Охрид има такви предиспозиции да туризамот може да се развива 365 дена. Предлагам новата локална самоуправа без разлика кој ќе биде избран, да води сметка, да го анализира периодот како ние сме живееле последниве 10-тина години, што му фали на градот, како луѓето би биле повторно задоволни. Потребно е да се донесат мерки за развој на охридското стопанство. Исто така, потребно е формирање на едно советодавно тело, кое на лицата кои сакаат да отворат дуќани ќе им сугерира што е најпрофитабилно за нивните бизниси.“ – вели Талев.
Стариот охридски мајстор се надева дека градот конечно ќе добие продавница за сувенири, а локалната и централната власт ќе направат нешто за да ги возобноват старите занаети.
„Кога туристот од странство доаѓа тука, тој оди во стара чаршијата затоа што тоа го нема во неговата земја. Тие сакаат да го посетат Имарет, да го видат гробот на Климента и Наум, да ја видат Св. „Софија“. Потребно ние како држава, односно локалната самоуправа да направиме нешто за да ги обновиме тие занаетии. Исто така, во охридската чаршија нема продавница за сувенири. Потребни се сувернири со амбиент од Охрид, мали икончиња, чунчиња, макетчиња кои нема да се скапи и секој би ги купил.“ – завршува стариот охридски мајстор Климент Талев.
O.T.