Македонскиот репрезентативец Кирил Лазаров и неговиот клуб Нант ќе се борат за златниот медал во финалето во Лигата на Шампиони, откако со 32-28 го совладаа дрим тимот на Пари Сент Жермен во 1/2 финалето.
Лазаров шестото учество со четврт различен клуб на завршниот турнир во Лигата на Шампиони го круниса со победа и пласман во финалето, осум голови и нов рекорд. Македонецот ги надмина Момир Илиќ и Филип Јиха на вечната листа на стрелци и со 59 погодоци е осамен на врвот.
Екипата на Нант констатно водеше, но во финишот натпреварот влезе во неизвесен финиш после враќањето на „светците“ на еден гол негатива 29-28. Тимот предводен од Лазаров не потклекна и на крилата од голманот Думолан кој мечот го заврши со 14 одбрани не дозволи пресврт и со три голови во серија го запечати пласманот во финалето.
Покрај Лазаров осум погодоци реализираше и Турна, а меч винер беше Думолан кој не дозволи погодок во последните две минути.
Нант во финалето ќе се сретне со подобриот од второто полуфинале во кое ќе се сретнат бранителот на трофејот Вардар и предизвикувачот Монпеље во 18 часот.
Фото: Екипа.мк
OhridNews