Тренерот на Напредок од Кичево, охриѓанецот Драган Бочески, по петнаесетгодишна пауза ќе се појави на стадионот “Билјанини Извори“ на натпревар од Првата Македонска фудбалска лига.

Поранешниот капитен на охридските бели, четири години играше за Охрид и постигнувајќи преку 30 гола во најелитното друштво во двете прволигашки сезони, во дебитантската сезона во 1994/95 година го одведе тимот до осмото место.


Посебно е чувството, драго ми е што се враќам на “Билјанини“ , среќен сум што го гледам Охрид во првата лига. Охриѓани го сакаат фудбалот и очекувам во голем дел да дојдат на стадион и да проследат добар и квалитетен натпревар и секако да победи подобриот тим.  – вели Бочески кој своевремено со своите голови им носеше радост на охриѓани.

Нема човек во градот кој не го знае Бочески кој во ФК Охрид ги направи и првите тренерски чекори. Стратегот кој добро го познава добар дел актуелниот тим, на дел од фудбалерите  и им бил личен ментор, ја посакува победата , но и ја поскува охридската клупа.

Јас сум професионалец, долго време сум во Напредок, и сакам да го добиеме овој натпревар и од Охрид  да заминеме со огромни три бода. Фудбалот е мојата струка и еден ден со драго срце би дошол и би се седнал на охридската клупа. – истакна Бочески

За мечот со Охрид в сабота, во тимот на Напредок ќе настапи уште еден охриѓанец Ристе Маркоски, кој меѓу стартерите се враќа по одлежаната суспензија.

М.П.