Даваме се од себе автопатoт Охрид-Кичево да биде завршен час поскоро, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, при денешната посета на Охрид. Се надева дека во најскоро време Собранието ќе ја усвои одлуката на Владата за анекс-договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид.

Да се доведеме во ситуација еден автопат кој бил испроектиран многу одамна да почне да се гради и на сред градба се установи дека 25% од трасата треба да се репроектира е голем предизвик. Новиот проект е готов, инфраструктурните проекти се одобруваат, бараме цврсти гаранции од изведувачите и час поскоро усвојување на Анексот за да може автопатот да биде готов до 31.12.2023, рече Бочварски.

Рокот беше поставен малку подоцна за во 2024 година, правевме анализи, динамички планови. Увидовме дека може да се постигне автопатот Кичево- Охрид да е готов до 2023. Во нашите планови е и проектирање, реализација, подобрување на патниот правец од Охрид кон Св. Наум, а тоа е барање и на општината. Работиме и на тој проект, додаде Бочварски.

Знаете дека имаше и порано планови за изградба на експресен пат кој ќе води на малку повисока кота од котата на кој се наоѓа постоечкиот пат. Но, имаше рекации од граѓани, здруженија и од УНЕСКО, така што, ќе направиме се во рамки на овој постоечки пат да се направи добар проект со цел да имаме подобра комуникација на Охрид со Св.Наум, додаде Бочварски.

Со ново проектирање на патот од Охрид кон Св. Наум во текот на 2022 година ќе можеме да започнеме со тендерски постапки за реконструкција. Мораме да ги запазиме процедурите на одобрение за градба, на проектирање, на одредени урбанистички параметри кои треба да се запазат, рече Бочварски.

OhridNews