Во моментов течат роковите за жалби по однос на поништениот Повик за субвенционирање летови од двата аеродроми во земјата и очекувам на почетокот на наредниот месец да биде распишан нов повик, истакна денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски од Охрид.
Комисијата што работи на подготвувањето на постапката ќе работи активно да им помогне на заинтересираните компании да достават целосна и комплетна документација со цел овој повик да бид успешен. Ова е добра политка којашто ќе даде добри резултати за авиосообраќајот и отворање на нови дестинации за граѓаните. Генерално остануваат истите услови и се она што било нејасно или предизвикало можна одредена дилема кај понудувачите да биде разјаснето, за потоа да може да биде распишан повикот и да биде успешен, рече Бочварски.
Додаде дека согласно Уредбата, станува збор за средства во вредност од пет милиони евра распределелни во наредните три години, 2023, 2024 и 2025 година.
Можам само да повторам, и овој пат нема да се држиме за избор на една компанија, туку секако нашиот интерес е да влезат повеќе компании во авиосообраќајот. По однос на висината на субвенциите се работи за износ усогласен со Европската комисија и согласно европските регулативи, додаде Бочварски.
Со повикот се определуваат субвенции во износ од седум евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром „Скопје” и од 4,5 евра во денарска противвредност по патник во заминување превезен од аеродромот „Св. Апостол Павле” – Охрид.
Инаку, првиот повик беше поништен бидејќи Комисијата за евалуација на понудите што ги доставија авиокомпаниите „Виз ер“, „Луфтханза“ и „Ејџиан ерлајнс“ констатирала дека не ја доставиле пропишаната комплетна документација.
Н.С.Ј.