Има големо засилување на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид, се работи на целиот дел од трасата вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во денешното интервју за МИА.

Рокот е 31.12.2023 и секако очекувам компаниите, градежните компании, подизведувачите на терен да го дадат својот максимум и да вклучат максимално расположлива механизација и технички персонал со цел да се влезе во завршницата на овој проект. Тоа што го гледам на терен е големо засилување на градежните работи, и на делницата од Охрид кон Аеродромот Охрид кон клучката Подмоље, кај клучката веќе се гледа завршницата. Имаме уште една клучка кај аеродромот Охрид. Понатаму, имаме продолжување на градежните работи по целата траса и кон Кичево во реално потешкиот дел од теренот. Се работи на целиот дел од трасата. Сме овозможиле услови на компаниите и секако ќе информираме за целиот прогрес на работите, а наш врвен интерес е да се заврши во рокот како што е и зацртано согласно со Законот, вели Бочварски.

Доколку не се запазат роковите од Договорот, вели Бочварски, може да се случи да има арботражна постапка.

Во однос на Кичево – Охрид таму може на крајот да се случи да имаме арбитражна постапка во која што државата и изведувачот ќе докажуваат кој каде доцнел. Дали државата со проектната документација, со одредени постапки, изведувачот со одредени процедури во делот на градењето. На крај, тоа се арбитражни куќи коишто водат постапки и носат одлуки за тоа кој каде ги пропуштил роковите и процедурите. Но, како и да е, за нас, ние, токму поради тоа формиравме единица која што во Министерството работи исклучиво за решавање на сите овие прашања. Кога дојдов во Министерството имаше 70-ина инфраструктурни проекти и сите беа одобрени, потоа продолжи постапката во имотно-правни со експропријација, така што проблемите ги расчистивме, а од друга страна за работата останува на изведувачите да го завршат својот дел, потенцира Бочварски.

Можам да потврдам, вели Бочварски, дека целата експропријација е решена и продолжуваме со максимален ангажман за реализација на проектот и запазување на роковите кон изведувачот.

Сите најголеми прашања, проблеми, инфраструктурни проекти се одобрени, на терен е завршена експропријацијата која што постојано се повторуваше, се јавуваше дополнителна експропријација со истата процедура како што ќе оди и оваа со овој проект.  Останува фронтот за работа на изведувачите каде што реално правиме голем притисок да ја завршат својата задача, а тоа е реализација – да вклучат повеќе механизација, повеќе луѓе на терен со цел да се заврши проектот бидејќи, пак ќе повторам, тоа е од исклучително значење и за Охрид и за Струга, но и за целиот регион и тоа е дел практично од Коридорот 8, додава Бочварски.

OhridNews