Охридските тенисери својата форма и добар квалитет ги потврдија на турнирите кои се одржаа последниве две недели во Неготино, Скопје и Кавадарци. Охриѓани освоија две први места, а останатите учесници акумулираа искуство за следните предизвици.

Богатата агенда на тенисерите од охридскиот клуб започна во Неготино. Ана Стојановска со само еден загубен сет стигна до титулата во женска конкуренција. Матеа Билбилоска заврши во топ 4, додека Мина Петреска не успеа да го помине 1/4 финалето. Павел Стевковски во машка конкуренција ја помина првата рунда и отпадна од финалистот Хусеновиќ.

Стојановска со титулата од турнирот во Неготино.

На турнирот во Скопје за тенисери до 16 години, Стојановска и Стевковски отпаднаа во првата рунда, но имаа можност да се судрат со поискусни и повозрасни тенисери. Билбилоска на истиот турнир ја помина првата рунда и се покажа во добро светло.

Пеколниот ритам на охридските тенисери заврши со турнир во Кавадарци за тенисери до 12 години. На турнирот триумфираше Ива Кецкарова. Таа во финалето ја совлада Андоновска во два сетови (6-0, 6-0) за нова титула во кариерата.

Кецкарова неприкосновена во Кавадарци

Сите одличја, победи и натпревари се вовед за турнирот кој од 7 до 10 август ќе се одржи во Охрид.

OhridNews