Со бројни настани и годинава ќе биде одбележан ликот и делото на Григор Прличев. Традиционалната културна манифестација „Прличеви Беседи“ ќе започне во четврток, 5 февруари, во 11:45 часот со изложба на ликовни дела од колекцијата на НУЦК „Григор Прличев“ во изложбениот салон, додека од 12 часот ќе се одржи Свеченоста посветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“. Во рамки на истата предвиден е настап на хорот при НУЦК „Григор Прличев”- Охрид, обраќање на претставник од НУЦК „Григор Прличев”- Охрид, обраќање на претставник од Општина Охрид, претставување на наградената поема „Темна кутија“, врачување на повелбата за најдобра поема за 2025 и свечено обраќање на лауреатот Братислав Ташкоски.

На 6 февруари во 09:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во училишниот двор на ООУ „Григор Прличев“, во  10:00 часот предвидени се панихида и полагање свежо цвеќе на гробот на Григор Прличев во близина на црквата Св. Богородица – Перивлепта.

Во 11 часот во Спомен куќата на Григор Прличев ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ во рамки на кои ќе биде изведена песната „1762 лето“, ќе има обраќање на претставник на Општина Охрид, ќе бидат врачени два примерока од книгата „Јазик и леб“ од Славе Ѓорѓо Димоски отпечатена во Брајово писмо на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид, како и врачување на наградите на провонаградените литературни творби на Литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“. Потоа ќе следи читање на наградените литературни творби и промоција на книгата „Охридска книжевна историографија“ од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.

Во 12:30 часот предвидено е полагање лавров венец и свежо цвеќе пред спомен – бистата на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“ каде обраќање  ќе има Живко Грозданоски – претседател на Друштвото на писатели на Македонија.

Во 13 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе се одржи „Прличева визита“ во рамки на која ќе се одржи премиера на документарниот филм „По стапките на Прличев“, сценарио и режија на м-р Милчо Јованоски, а ќе биде доделена и наградата за најдобра беседа на Софија Стојанова.

Во 19 часот во НУЦК„Григор Прличев“ ООУ „Григор Прличев“ со свечена приредба ќе го одбележи патрониот празник.

Програмата се заокружува со осмото издание на поетскиот караван „Добри гости“ во чест на Прличев во „Култ Културен Центар“ во сабота.

Носители на манифестацијата се Општина Охрид, НУЦК „Григор Прличев“ , Библиотеката „Григор Прличев“, ООУ „Григор Прличев“, НУ Завод и музеј Охрид и Друштвото на писатели на Македонија.

OhridNews