Промоции на книги, изложби на ликовни дела, и секако доделување на наградата за најдобра поема- се дел од богатата програма на годинешната манифестација „Прличеви беседи“ кои започнуваат во понеделник, 4- ти февруари, со промоција на книгата „Сенки на поетичноста“ од Пандора Јовановска- Илиевска.

– Станува збор за манифестација од национален интерес која се надевам дека ќе опстојува уште многу години, како поттик за писателите да творат, да освојуваат награди и со тоа да се продолжи делото на нашиот сограѓанин, Григор Прличев, вели директорката на Центарот за култура , Драгана Боцевска.

Свеченоста посветена на годинешниот лауреат ќе се одржи на 5- ти февруари, кога ќе биде претставена наградената поема на Веле Смилевски „Век за самување“, која жири комисијата ја одбра меѓу 20 те вкупно испратени поеми. На свеченоста ќе присуствуваат и 12 поети од Друштвото на писатели на Македонија кои ќе се претстават со свои дела.

 На 6-ти февруари, меѓу останатите содржини, предвидена е и панихида на гробот на Прличев, промоција на ЦД изданието „ Охридската библиотека од основањето до денес“, традиционалната Прличева визита, а со почеток во 19 часот ќе се одржи свечената приредба по повод патрониот празник на основното училиште „ Григор Прличев“.

Освен Центарот за култура, во организирањето на „Прличевите беседи“ вклучени се и охридската библиотека, локалната самоуправа, Завод и музеј, и ОУ „Григор Прличев“, а манифестацијата е подржана од министерството за култура, Друштвото на писатели и издавачката куќа „Просветно дело“.

Т.К.