Лицето, коешто лани остварило најмногу приходи во Македонија, според неофицијални информации до кои дојде Макфакс, работи како менаџер во фудбалот и посредува во трансфери на фудбалери и тренери во странство.

Неколку денови по објавувањето на листата на УЈП за лицата со највисоки остварени приходи во 2010 година, не стивнува љубопитноста на пошироката јавност, со која дејноста се занимава стружанецот кој лани пријавил заработувачка од 148,8 милиони денари (околу 2,4 милиони евра).


Додека за лицето коешто прима највисока плата во Македонија (околу 68.000 евра месечно), работите беа нешто појасни, бидејќи УЈП објави дека станува збор за жител на Скопје, вработен во фармацевтската индустрија, за лицето со најголемата остварена заработувачка, УЈП не даде никакви дополнителни информации, освен дека станува збор за човек што умешно се снаоѓа во управувањето, но не беше прецизирано во која дејност.

Струшката чаршија шпекулира дека станува збор за поранешен фудбалер, којшто откако играл за неколку домашни и странски клубови, кариерата ја продолжил во менаџерските води.

Познавачите на состојбите во оваа област велат дека умешниот стружанец посредувал во трансферот на еден од најпознатите бразилски фудбалери Роберто Карлос во рускиот прволигаш Анжи од Махачкала, каде што игра и моменто најплатениот фудбалер во светот, Самуел Ето.

Идентитетот на лицата со најголема заработувачка се смета за приватна работа и сé додека самите не се одлучат да излезат во јавноста ќе останат шпекулациите за нивната дејност.

УЈП во неколку наврати нагласи дека ниту сака, ниту смее да открива повеќе информации, како и дека оваа институција единствено ја интересира дали за заработените пари е платен данокот.

“Извор Макфакс“
Ohridnews