Трендот на посвојување деца од сиромашните земји кој завладеа помеѓу познатите и богати луѓе, носи повеќе штета отколку корист, сметаат британските научници.

Посвојувањата кои се пратени од медиумите, како што е случај со американската поп-ѕвезда Мадона, доведуваат до тоа се повеќе родители од сиромашните европски земји да ги оставаат децата во сиропиталишта, известија психолозите од универзитетот во Ливерпул.


„Откривме таканаречен „Мадона ефект“. Имено, родителите од сиромашните европски земји се одрекуват од своите деца со уверување дека ќе добијат подобар живот во богато семејство на запад“, изјави водачот на истражувањето, детскиот психолог Кевин Браун.

Истражувањето покажало дека во набљудуваните сиропиталишта во 25 земји 96% од децата не се целосни сирачиња, туку „во реалноста имаат барем еден жив родител кој по правило им е познат на властите“.


Кога посвојуваат дете од сиромашните земји, богатите семејства од западните индустриски земји на тамошните сиропиталишта и на властите често им даваат „високи парични износи“, изјави Браун. Притоа често доаѓа до кршење на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на децата.

Конвенцијата предвидува посвојување на деца од друга држава само како последна можност, ако во меѓувреме пропаднале сите обиди да се пронајдат родители од земјата во која што се наоѓа детето.


Праксата на посвојување деца од странство експертите ја опишуваат како „Мадона ефект“, по случајот во 2006 година кога пејачката посвои дете од дом во Јужноафричката Малавија, кое посвојување беше пратено со големо медиумско внимание.

Мадона не е единствена позната личност која посвои дете од друга држава.

На пример, холивудските ѕвезди Анџелина Џоли и Бред Пит посвоија три деца од Виетнам, Етиопија и Камбоџа.