Традиционалната церемонија на која се објавуваше името на новиот кум за Водици во Охрид, што се одржуваше на празникот Пречиста на 4-ти Декември, оваа година нема да има. OhridNews го контактираше здружението „Богојавление“ кое од 2003 година наваму избира кум на Водици од каде не информираа дека организацијата на манифестацијата за збогатување на верскиот празник Водици и е предадена на Македонската православна црква, за што била известена Дебарско – кичевската епархија.

„Неколку години наназад повторувавме дека манифестацијата и организациски и финансиски ги надминува можностите на здруженито, бидејќи истата од локален, прерасна најпрвин во национален, а потоа и во интернационален настан.“ – велат од „Богојавление“.

Оттаму велат дека Водици е голем православен празник кој припаѓа на црквата и градот и дека здружението „Богојавление“ е подготвено секогаш да помогне. Додаваат дека Водици пред се е верски празник кон кој во Охрид постои голем култ и дека здружението било формирано за афирмација на Македонската православна црква со цел да се истакне почитта и љубовта што охриѓани од памтивек ја имаат кон овој свет ден.

„Очекуваме дека оваа убава традиција која го афирмира празникот, христијанските вредности, но и градот Охрид, ќе продолжи и натаму, ќе расте и ќе се збогатува, согласно православните обичаи востановени од нашата црква.“-истакнуваат од „Богојавление“.

Оттаму сметаат дека збогатувањето на празникот со манифестации како одбележувањето на Денот на рибарите, изложби на риболовен алат, подготвувањето на рибна чорба, хуманитарните активности и поддршката на социјално загрозените семејства, болните и ранливите категории граѓани од страна на здружението и на кумовите, организацијата на општо народната веселба под отворено небо на градскиот плоштад со уметничка програма, медиумскиот интерес, реализираните телевизиски и интернет преноси и изработката на документарни емисиии и богата фото и друга архива, придонеле за омасовување на празнувањето.

„Сето тоа придонесе во Охрид за Водици да дојдат илјадници посетители од земјава и надвор, како и сите досегашни претседатели на државата и премиери на влади и голем број дипломатски претставници.“ – додаваат од „Богојавление“.

Здружението изрази благодарност до МПЦ за можноста да биде дел од организацијата за одбележување на големиот празник, како и до сите досегашни кумови, помагатели, спонзори, и до охридските хотелиери и угостители кои го препознале моментот и ја подржале манифестацијата нудејќи празнични аранжмани и цени на услугите со големи попусти што придонело за зголемување на бројот на туристи во Охрид за Водици.

Од „Богојавление“ додаваат дека со предавањето на организацијата на Водици на МПЦ не застануваат со активниости, тука ќе продолжат да делуваат и натаму со нови иницијативи  кои ќе ги афирмираат културните вредности и традиции на Охрид, како што тоа било случај со подигањето на споменикот на охридскиот војвода Христо Узунов во Цер, и на споменикот „Фаќач на крст“ на градското пристаниште кој е подарок од кумот на Водици Ванчо Чифлиганец.

OhridNews