По долги години и поминати цели генерации повторно обновен манастирскиот храм во Заум, с. Трпејца, Охрид на празникот посветен на Полагање на ризата на Пресвета Богородица во Влахерна.

Откако беа завршени конзерваторските и архитектонските работи од страна на надлежните институции, со благослов на нашиот Митрополит Тимотеј, храмот беше и целосно внатрешно обновен, поточно беше поставен нов мермерен под, нов мермерен иконостас со нови икони, а беше поставен и нов престол. Ова беше и поводот, на 14 и 15 јули 2023 година, да се собереме во Богородичниот храм во Заум, и да го преосветиме ова наше духовно и културно богатство, велат во соопштението.

Утредента, на 15 јули, се изврши преосветување на манастирскиот храм, а потоа, според обичајот, беше отслужена и света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Атанас Казанџиски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, додаваат во соопштението од Дебарско-кичевската епархија.
На овој светол и долгоочекуван чин присуствуваше и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претседателот на советот на Општина Охрид, Сашо Донев, претставници од општината, претставници од НУ Завод и Музеј, како и многуброен верен народ.
OhridNews
извор/фото. Дебарско-кичевска епархија














