Екипата на БЗ Груп е победник на 28. издание на традиционалниот турнир во мал фудбал „Богородица куп“ во Волино, откако во големото финале вечерва убедливо ја совлада Сатеска со 6:1.
БЗ Груп заслужено стигна до победничкиот пехар. Поведе уште во 2. минута, а до последниот свиреж одигра одлично и фокусирано, не дозволувајќи во ниту еден момент победата да биде загрозена. Сатеска, која го бранеше трофејот освоен минатата година, овојпат мораше да се задоволи со второто место.
Во натпреварот за третото место Инекс Олгица го совлада ДОЕЛ Ноче со 7:3 и го освои бронзениот пехар.
Покрај победничкиот пехар и паричната награда од 200.000 денари, БЗ Груп ги освои и главните индивидуални признанија. За најдобар играч на турнирот беше прогласен Лука Богданоски, а признанието за најдобар голман му припадна на неговиот соиграч Тони Прќакоски.
Наградата за најдобар стрелец ја поделија Мики Стефаноски и Александар Ѓорѓиески, двајцата од Инекс Олгица.
Турнирот го судеше двојката Марјан Ецкоски – Александар Мартиноски, која одлично ја заврши својата работа во текот на натпреварувањето.
Со финалната вечер на празникот Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица, беше спуштена завесата на 28. издание на традиционалниот турнир во Волино, чиј медиумски партрнер и оваа година беше Охридњуз.
Г.М.
Фото: Анамарија Момироска





















































































































