По повод летен Свети Николај, во црквата „Свети Никола Болнички“, во стариот дел на градот во понеделник, 22 мај, ќе се служи богослужба со почеток во 7:30 часот.
Православната црква на 22 мај го одбележува денот кога биле пренесени моштите на Св. Никола во Бари. Во времето на царот Алексеј Комнен и на патријархот Никола Граматик, во 1087 година телото на овој светител било пренесено од Мир Ликиски во градот Бари во Италија. Тоа се случило пред налетот на исламот на Ликија.
Светителот му се јавил во сон на некој чесен свештеник во Бари и му заповедал неговите мошти да се пренесат во тој град. Во тоа време градот Бари бил православен и под православен патријарх. При преносот на моштите на Светителот се случиле многу чуда, како од допирот на моштите така и од мирото коешто изобилно се леело од нив.
Во старото градско јадро на Охрид меѓу куќите кај Долна Порта се наоѓаат двете мали цркви кои се познати како „болнички цркви“. Покрај црквата „Св. Никола Болнички“, тука е и црквата „Св. Богородица Болничка“. Биле наречени „болнички“ поради нивната местоположба во Болничката Маала, т.е. во делот од градот каде што некогаш се наоѓала болницата.
Иако со споредна улога во верскиот живот на градот, болничките цркви привлекуваат внимание со нивната повеќевековна историја, а се истакнуваат со архитектонска посебност и други уметнички вредности. Затоа се заштитени со закон како споменици на културата.
Црквата „Свети Никола Болнички“ изградена е и живописана во 1313 година од непознат зограф.
OhridNews