Велимир Бојовиќ од АК „Косово Поле“ – Косово, Србија, е победник на 22-от меѓународен атлетски маратон, што по повод денот на независноста 8 Септември традиционално се одржува во Охрид.

Бојовиќ патеката од Св Наум до Охрид долга 30 километри ја мина за 1:52:20 ч. со што стигна до третата последователна победа во Охрид.

„Многу сум задоволен што и по трет пат успеав да победам. Конкуренцијата беше извонредна, но некако ми се чини дека годинава победив најлесно, веројатно тоа е затоа што сега сум поискусен“, ни изјави по трката Бојовиќ.

Втор на целта пристигна неговиот клупски колега Бранко Стевиќ, а трет и најдобар од македонските учесници беше скопјанецот Трпе Мартиноски. Кај жените најбрза беше Ениса Тасеска од АК „Центропром“ Скопје.

Годинава на маратонот во Охрид учествуваа 44 маратонци, шест во женска конкуренција од Македонија, Србија, Албанија и Црна Гора. Организатор и оваа година беше АК Охрид од Охрид.

Г. Момироски