Градот домаќин на финалната битка во Копа Либертадорес, Мадрид и шпанската полиција ги презедоа сите потребни мерки за заштита и ред и мир после пристигнување на Бока Јуниорс во Шпанија. Вкупно 2 500 полицајци се грижеа клупскиот автобус на Бока Јуниорс безбедно и без проблеми да стигне до хотелот каде што се сместени, а исти третман ќе добие и Ривер Плата, што пристигне во Мадрид.

Над 5 000 навивачи од стадионот до аеродромот во Буенос Аирес ја испратија експедицијата на Бока која в недела на „Сантијаго Бернабеу“ ќе бие битка за титулата во најелитното клупско натпреварување во Јужна Америка. Натпреварот е прогласен со висок ризик и шпанската полиција голема доза на помош ќе добие и од аргентинската разузнавачка служба која ќе биде задолжена за навивачите кои ќе допатуваат од Аргентина.

Реваншот кој требаше да се одигра на „Монументал“ стадион два пати беше одложен, откако симпатизери на Ривер Плата со тврди предмети и солзавец го нападнаа клупскиот автобус на Бока Јуниорс. Докторите од Јужноамеричката федерација одлучија дека фудбалерите на Бока се потешко повредени и дека не ќе можат да играат.

После големи преговори првите луѓе на Јужноамеричката федерација пресекоа и го одбраа стадионот на Реал Мадрид за домаќин на реваншот. Двете екипи добија по 5 000 влезници за продавање во Аргентина, а уште 15 000 за продавање во Европа.

OhridNews