Прислушуваните разговори за случаите „ТНТ“ и „Топлик“ ќе бидат дел од доказите што ќе се користат во судските процеси, одлучи Апелацискиот суд во Скопје, јавува „Макфакс“.
Со оваа одлука на Апелацискиот суд преиначени се одлуките на Кривичен за овие предмети, а прислушкуваните разговори, 26 снимки во ТНТ и 11 во Топлик, стануваат докази кои ке се користат во судските процеси.
На јавните седници во апелација вчера, обвинителите од СЈО изјавија дека обвинетите во овие предмети, екс премиерот Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески не се жртви на прислушување туку тие биле дел од власта што масовно незаконски прислушувала.
Тезите на одбраната беа дека бомбите не може да бидат доказ во постапката, бидејќи се стекнати на незаконит начин, како и дека судиите не треба да ги ценат претходно донесените одлуки на скопска Апелација, која во два наврата одлучи бомбите да бидат доказ во постапката.
Јанакиески: Одлуката на Апелација е скандалозна, нарушено ми е правото на приватност
После скандалозната одлука на Апелациониот суд за уважување на незаконски снимените материјали, спротивно на сите законски нормативи, сосема е јасно зошто воопшто не бев поканет на седницата и зошто судот не сакаше да ги слушне аргументите кои се во полза на правдата и законите, реагира во писмена изјава екс министерот за Транпорт и врски, Миле Јанакиески откако Апелациониот суд реши да ги уважи бомбите како докази во случаите ТНТ и Траекторија.
„Апелациониот суд одржал јавна седница одлучувајќи за моите права на која за жал не бев поканет и немав можност ниту да присуствувам ниту да ги изнесам моите аргументи со што го повреди принципот на еднаквост како основен елемент на правото на правично судење и грубо го прекрши членот 6 од Европската конвенција за човекови права“, смета Јанакиески и додава дека СЈО уште еднаш потврдиле дека нивното дејствување е политичко.
Јанакиески во изјавата бара одговор од СЈО колкав е обемот на материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите и го обвинува ова обвинителство дека врз него се врши политичка дискриминација.
„Би потсетил дека токму СЈО јавно на прес конференција тврдеше дека брутално биле кршени човековите права на граѓани на Македонија како резултат на повеќегодишно незаконско следење на комуникации при што изнесе дека наводно еден од моите телефонски броеви бил следен 732 дена, друг 573, трет 816 дена. Иако од нив никогаш не сум добил официјално известување колкав е обемот на материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации за кои тврдат дека се мои, по моја слободна проценка врз основа на јавно објавените податоци од СЈО, најверојатно се работи за над 100.000 разговори во кои спаѓаат и разговори на мојата сопруга, која го користи еден од телефонските броеви за кои СЈО вели дека биле незаконски прислушкувани“, вели Јанакиески.
Екс министерот во писмената изјава потсети дека сите да бидат еднакви пред институциите и законите, и обвини дека за него во случајов не важат одредбите од Европската конвенција за човекови права, Уставот и законите во Република Македонија кои го штитат правото на приватност и семеен живот.
OhridNews
извор: „Макфакс“