Кошаркарскиот клуб АВ Охрид на стартот од Новата 2018 година гостува кај тимот на Борац Чачак во првата рунда од втората полусезона во Втората АБА лига. Кошаркарите на Борац се фаворити пред мечот, а охриѓани со најновото засилување во составот Мартин Јунаковиќ ќе пробаат да им се спротистават на домаќините.

– Почнуваме од почеток и не се навраќаме на оние десет порази од првата полусезона. Секој меч за нас е нова приказна и така пристапуваме иако имаме лош скор на табелата. Одиме да се надигруваме и да акумулираме што повеќе искуство кое очигледно ни е потребно во тесните натпревари. – изјави Петар Чочороски.

Американскиот интернационалец Рос Кенет Милер очекува возбудлив натпревар без разлика на фаворитската улога која ја има домаќинот. 

– Најпрво треба да се фокусираме на првата четвртина која ни е најпроблематична во натпреварите од АБА лигата. Речиси сите мечеви ги губиме после една лоша четвртина, а во поголем дел тоа е првата четвртина. Затоа треба да го почнеме мечот фокусирано и да не дозволиме домаќинот брзо да ни се одлепи. – рече Американецот.

Натпреварот се игра во четврток со почеток во 19 часот.

OhridNews