И додека многумина се жалат поради студеното време итајќи кон загреаните работни простории, охридските пазарџии секојдневно доаѓаат на своето работно место на отворено, каде на неколку степени под нулата, минуваат и по повеќе од шест часа надевајќи се дека  денот ќе им донесе повеќе муштерии и ќе остварат каква таква заработувачка.

Ниту дебелите зимски јакни, капи и шалови не помагаат многу против студот, но во борбата за егизстенција мора да се истрае и на вакви екстремни услови за работа, коментираат тие.


Кој колку може издржува. Доаѓаме во 8 часот, но некогаш и не се седи на студот цел ден, па порано ги затвораме тезгите. Мора да доаѓаме, од тука заработуваме- од народот, велат пазарџиите.

Оние пазарџии кои не можат да издржат на ниските температури ги затвораат тезгите после пладне.



– Дел од земјоделските производи мрзнат на тепература под нулата. Мора да ги затвориме тезгите за да не ни замрзнат производите па потоа да фрлиме во отпад се што сме сработиле низ годината, коментираат дел од пазарџиите.

А купувачи, деновиве речиси и да нема. Ретко кој се одлучува да оди до градскиот пазар и да ги набави потребните намирници.


И покрај најавите дека ќе се гради современ градски пазар, градинарските производи во Охрид сеуште се продаваат на стари тезги.

Од страна на градоначалникот Александар Петрески изградбата на современ пазар се најавува меѓу првите проекти кои ќе се реализираат по превземањето на државното неизградено земјиште.

Додека тоа се реалиизра, од ЈП Градски пазар со годинешната програма за 2012 се најавува осовременување, модернизација и подобрување на условите за работа во пазарот. Се предвидува да се изврши покривање на дел од просторот со церада или друг соодветен материјал врз претходно поставена метална конструкција, кое ќе се врши по фази во зависност од финансиските можности на јавното претпријатие.

OhridNews