Финансиските проблеми во кои се наоѓа Борис Бекер се многу посериозни од она што првично објави поранешниот тенисер, откако во јавноста излегоа нови детали за долговите за екстренерот на Новак Ѓоковиќ.
Финансиските истражители на компанијата „Смит и Вилијамсон, во својот извештај на 24 страници наведуваат дека долговите на Бекер се проценети на 54 милиони фунти (61 милиони евра).
Во извештајот се наведува и дека е „можно да има нови побарувања од доверителите“.
Во документот кој го составил ликвидаторот Марк Форд се наоѓа список на имотот на Бекер, со чија продажба би требало да бидат собрани дел од средствата за отплата на долгот.
Магазинот „Штерн“ наведува дека Бекер поседува недвижнини во вредност од 540.000 евра, автомобил порше, осигурителна полиса, мебел вреден 200.000 евра и рачни часовници вредни 41.000 евра.
На листата на имотот со кој располага 49-годишникот се наоѓаат и трофеите кои поранешниот гренд слем шампион ги освоил за време на својата 15-годишна кариера. Тука се трите пехари освоени по историските мечеви на Вимблдон, кои ќе бидат понудени на аукција.
OhridNews