Боро Павлоски е роден на 5.07 1959 година во Охрид. Оженет е со Виолета, а неговата семејна лоза ја продолжуваат Александар и Игор. Силната љубов кон родниот град и почитта кон своите сограѓани се основните мотиви за неговото кандидирање за градоначалник

OHRIDNEWS:Кој е кандидатот за градоначалник избран од редовите на Либерално-демократската партија?

ПАВЛОСКИ: Според досегашното живеење, работа и ангажмани, важам за вреден човек, кој со своите работни и професионални способности верува во реалната визија за животот во место какво што е тоа нашиот Охрид, место кое само по себе зборува дека ако еднаш се заљубиш во него – за секогаш остануваш во него.
Роден сум на 05.07.1959 година во Охрид, во фамилијата Павлоски, од татко Коста и мајка Олга. Семеен човек, оженет со Виолета со која, имам два сина  Александар (20) и Игор (18).

Основно училиште завршив во ОУ ” Григор Прличев “, и основното музичко училиште во ОМУ ” Методи Патче ” – отсек виолина, потоа го завршив средното образование во ЕМУЦ во Охрид, со однапред поставена цел да станам дипломец на Електротехничкиот факултет во Скопје, во што успеав така што дипломирав во предвидениот рок во 1983 година. Истата година се вработив за првпат и тоа, на раководна функција во ЕМО – Охрид . Во 1992 година бев назначен за директор  на РЕ Расклопни апарати. Тоа всушност ми овозможи да станам успешен и докажан раководител, така што во 2005 година бев назначен за в.д. директор на ЈП ” Охридски комуналец “, функција што ја извршувам и денес, која преку разните признанија и оценки ја вршам со голем успех.


OHRIDNEWS: Кој беше мотивот за да се кандидирате за градоначалник?

ПАВЛОСКИ: Силната љубов кон родниот град и почитувањето на моите сограѓани, беше еден од основните мотиви за мојата кандидатура. Охрид треба да биде она што заслужува. Модерен, современ, урбанистички среден со монденски изглед. Тоа може да се направи, доколку се сака и доколку се создадат услови за тоа. Од друга страна, оваа година е своевиден белег во мојата политичка кариера, пред се преку довербата на мојата политичка партија ЛДП, која пред мене постави голема одговорност, да бидам кандидат за градоначалник на Охрид, на претстојните локални избори. Верувам дека целата доверба се должи на мојата долгогодишна  активност годиниве наназад и тоа како член на Демократската партија од 1993 година, претседател на ОО на ЛДП – Охрид од 2008 година, како и член на Општинскиот совет на Охрид во периодот од 2000 до 2009 година но и кандидат за пратеник на парламентарните избори во 2008 година.

ОHRIDNEWS: Зошто токму вие? Што имате да им понудите на охриѓани?

ПАВЛОСКИ: А зошто не јас! Се чувствувам интелектуално, професионално и доблесно подготвен да “атакувам” на градоначалничката фотелја, која е привлечна, но многу одговорна. Да се биде градоначалник треба да постојат добри и аргументирани мотиви. Има мотиви кои секогаш се актуелни и никогаш не стареат. Пред се тука мислам на трпението, љубезноста, љубовта, радоста, добрата волја, среќата, мудроста и разбирањето. Тоа можам да им го понудам на моите охриѓани. Моето познавање и пристап во сите потребни сегменти за успешно менаџирање на општина Охрид со над 60.000 жители, можат на едноставен начин да допрат до секој човек кој што се соочува со каков било проблем. Тука е и зрелоста на годините која полага уште еден важен испит. Тоа ми овозможува да го препознам Охрид дури и во сон, мирисот на езерото, свежината на воздухот, карактерот на луѓето, особено денес во време кога секој од нас на својот грб го носи товарот на долгогодишниот и неизвесен период на транзиција.


OHRIDNEWS: Како гледате на Охрид сега во моментов?

ПАВЛОСКИ: Сигурно не како што го гледав пред 30, 20,  години наназад. Од помал град прерасна во современ и модерен туристички центар, кој го привлекува вниманието на домашните и странските гости. Како учесник во еден процес, слободно можам да кажам дека има поместување на Охрид од мртва точка, но сепак, она што треба, е стремежот кон поголем подем.

ОHRIDNEWS: Доколку би седнале на градоначалничката фотелја, кои ќе бидат Вашите приоритети? За што најпрвин би се зафатиле?

ПАВЛОСКИ: Проблемите кои не опкружуваат и со кои секојдневно се соочуваме, налагаат да се лоцираат одредени приоритети кои на еден или друг начин ќе значат подобрување на севкупното живеење во градот. Подобар живот на охриѓани ни е појдовна основа, која може единоствено да се постигне само со создавање  услови за беспрекорно функционирање на општината. Тоа значи дека доколку јас бидам идниот градоначалник, ќе ја скенирам целокупната состојба, бидејќи во моментов општината се соочува со бројни долгови. Тука треба итно да се реагира, моето искуство во голема мера ќе ми помогне на тој план. Знам како успешно да се справам со состојбите и да поставувам вистински цели на вистинско место во право време. Цели кои ќе ја докажат стабилноста на еден одговорен тим. Во приоритетите е и влегување на општината во втората фаза на децентрализацијата, како и успешната реализација на буџетот од што пак зависи квалитетното и успешно спроведување на програмата за работа.

ОHRIDNEWS: Кандидатите кои настапуваат на избори, вообичаено, за време на изборната кампања настапуваат со некој крупен, капитален проект. Имате ли Вие таков проект?

ПАВЛОСКИ: Мислам дека таквите “крупни проекти” се често нереални, барем тоа се потврди во блиското минатото. Но ќе набројам неколку, не толку крупни но многу битни за секојдневните потреби на граѓаните . Реализација на нов покриен градски пазар, нова автобуска станица, улицата ” Железничка “, довршување на колекторот до Пештани, источната заобиколница, изградба на марина, изградба на покриен базен  и слично. Сите овие  проекти реално можат да се реализираат, бидејќи правните процедури речиси ги решија имотно-правните односи кои претставуваа сериозен проблем. Но не треба да ги запоставиме средните и малите проекти кои се блиску до реалните потреби на луѓето. Такви проекти има повеќе: изградба на Дом за стари луѓе, средување на примарното здравство во руралните средини и приградските населби, обезбедување стабилен образовен процес и многу други проекти кои сами по себе повлекуваат голема важност.

OHRIDNEWS: Носечка гранка во Охрид е туризмот. Што би направиле за да живее Охрид од туризмот?

ПАВЛОСКИ: Туризмот во Охрид се сведува на летна сезона и викенд посетеност, и тоа во зависност од временските услови. Крајно време е, во стратегијата за развој на туризмот да се предвидат попрофитабилните туристички можности кои се остварливи и нудат елитност во големи размери. Посебен акцент ќе ставам на унапредувањето на туристичкиот производ, во смисла на добивање колку што е можно поширока и подетална  слика за Охрид, кој во блиска  иднина ќе се вброи кон вистинските туристички метрополи. Убавините на Охрид отсекогаш привлекувале гости да уживаат во нив, затоа една добра медиумска презентација и агресивна камапања ќе придонесе за привлекување на бројни домашни и странски гости. Тука е и основната задача која се состои во унапредување и промоција на изворните вредности на подрачјето на општина Охрид. Секако дека најважна цел е посетеноста на Охрид да биде низ целата година, со нудење на соодветни интересни содржини, специфични за нашево поднебје.


OHRIDNEWS: Туризмот е поврзан и со економскиот развој. Имате ли идеја како би можеле да привлекувате странски инвестиции?

ПАВЛОСКИ:  Невработеноста е најгорлив проблем и ќе биде главен приоритет; да се влијае во рамките на ингеренциите на општината, овој проблем да се решава во позитивна насока, пред се, со привлекување инвеститори.
Инвеститорите, секако, не треба да ги делиме на странски и домашни. Клучот за привлекување инвеститори според мене е поголема усогласеност и соработка помеѓу централната и локалната власт, при што, ќе се создаде поволен  амбиент за инвестирање во Охрид. За таа цел треба да се определат локации за изградба на индустриски објекти, туристички објекти и слично, се разбира, со посебни услови, а со цел за мотивирање на потенцијалните инвеститори.  Исто така, мотивирачки фактор во следните фази на фискална децентрализација, ќе биде и даночната политика на општината. Факт е дека Охрид нема индустрија, таа е крајно загрозена, поточно не функционира, а тоа само по себе зборува многу, посебно подлежи на коментар на сите граѓани кои останаа без работа и сега се на улица. На Охрид му е потребна индустрија која би се вклопила во охридското поднебје, имајќи ја предвид и заштитата на УНЕСКО. Земјоделието има доволен капацитет да го следи туризмот во поглед на природна, чиста и здрава храна.

OHRIDNEWS: Впечаток е дека Охрид се повеќе ја губи својата автентичност пред налетот на градежната експанзија. Се повќе згради зјаат празни. Поголемиот дел од становите ги купуваат граѓани кои не живеат во Охрид преку целата година. Кој е Вашиот став?
     
ПАВЛОСКИ: Градежната експанзија има големо влијание врз  губењето на автентичноста на градот. Охрид веќе не трпи градби бидејќи се соочува со вишок на станови. Исто така, тоа негативно влијае врз проектирањето на комуналните активности во општината а од друга страна доаѓа до насочување на туризмот во погрешна насока.  Време е да се донесе најавуваниот  Закон за Охрид, со што ќе се дефинираат сите норми во оваа сфера. На овој начин ќе се спречи честото нарушување на автентичноста на стариот дел од градот и централното подрачје.

OHRIDNEWS: Општината е сервис на граѓаните. Во која насока ќе делувате ако станете градоначалник за да го подобрите квалитетот на услугите што ги дава општинската администрација.

ПАВЛОСКИ: За ЛДП  секогаш граѓанинот е во центарот на вниманието, некој што ни направил чест со можноста да го услужиме, а не некој што не вознемирува, затоа што ние постоиме заради граѓаните, а не тие заради нас. Од законската регулатива за разни потреби на граѓаните, треба да произлезат едноставни процедури, упатства, со кои преку “едношалтерски” систем граѓаните, без разлика на степенот на информираност, ќе можат да ги завршат своите потреби. За таа цел потребно е да се донесе стратегија за воспоставување на електронска општина, мрежна поврзаност, развој на софтверски апликации за потребите на администрацијата, отварање на истурени канцеларии на ЕЛС во поголемите рурални центри-линковски поврзани. На овој начин на граѓаните ќе им се заштеди време, пари и нервози.                                           На крај секоја сериозна општина, се стреми кон стандардизирање на процедурите за исполнување на условите за добивање сертификат за квалитет за управување во јавната администрација.

OHRIDNEWS: За законот за децентрализација има бројни критики. Како го оценувате Вие овој Закон. Сметате ли дека општините треба да имаат повеќе ингеренции?
 
ПАВЛОСКИ: Долго време реформите на системот на локалната самоуправа се одвиваа бавно, нецелосно и без доволна одлучност. Вистинската децентрализација на власта започна на 1 јули 2005 година. Оттогаш поминаа повеќе од три години. Доволен период за правење темелни анализи, оценки за резултатите од примената на законите. За потенцирање на добрите страни, но и за евидентирање на пропустите,  слабостите,  недостатоците.
Нужно е да се направат и споредбени анализи за да се утврди каде, како и зошто стигнаа државите што се пред нашата земја во транзицијата, а каде е  Република Македонија. За нас, реформите на системот на локалната самоуправа остануваат врвен приоритет. Не само заради евро-атланските интеграции, туку пред се заради нас, за развој на локалната демократија, за релаксирани меѓуетнички односи, за поубав живот. Затоа што нема демократија без развиена локална самоуправа која мора да биде важен елемент на нашето модерно, демократски уредено општество.


OHRIDNEWS: Охрид една од најатрактивните и поразвиени општини не е влезен во втората фаза од фискалната децентрализација. Дали имате решение како ќе успеете да ја вброите општината во оваа фаза од децентрализацијата?

ПАВЛОСКИ: Влегувањето во втората фаза на фискална децентрализација е тесно сврзано со финансиските показатели. Поточно најважна активност ќе биде, да се вратат долговите. Потребна е  темелна анализа и добра проекција, тесно поврзана со централната власт, при што, нејзината интервенција мора да биде неизбежна. Ако нема таква интервенција, тогаш општинскиот буџет нема да има развојна компонента а со рестриктивно финансиско менаџирање, ќе се намали степенот на квалитетот на живеење во општината. Со ваков однос казната директно ја плаќаат охриѓани, како и сите посетители на Охрид. Затоа Охрид со своето пошироко значење и како политички центар на Македонија во поголемиот дел од годината, во најмала рака заслужува да е во втората фаза на децентрализација, а  нивото кон што се стреми, не заслужува уназадување.

OHRIDNEWS: Влегувате во битка за градоначалник на Охрид, доаѓате од Ј.П. ” Охридски Комуналец “, каде што важите за успешен менаџер и човек кој постојано е на терен кога станува збор за јавната хигиена во градот. Ако ги освоите гласовите на граѓаните и станете градоначалник, дали е возможно да се намалат услугите што ги дава претпријатието или тогаш, ќе имате повеќе власт за да успеете во Вашите замисли, од ” Охридски Комуналец ” да направите претпријатие по европски и современ терк?  

ПАВЛОСКИ: За успешно менаџирање, покрај другото,потребно е внесување  на процедури и постапки како и нивна надградба.
Со тоа се олеснува т.е. се шаблонизира раководењето, при што поголемиот дел од времето се користи за инвентивност.Оваа активност последните неколку години, во голема мера се заврши, така што ЈП “Охридски комуналец” е на вистинскиот пат за успешно работење и во иднина, а со тоа и приближување кон европските норми. Тоа е гаранција дека квалитетот на услугите ќе се зголемува, а тоа го очекуваат и граѓаните и посетителите. Охрид како духовен, културен, туристички центар заслужува посебно внимание и голема обврска за одржување на степенот на  уреденоста. Во контекст на ова, изминатиов период вратени се околу 30 милиони денари стари долгови, а моја проценка е дека до краот на оваа година ЈП “Охридски комуналец” може да биде без долгови. На овој начин во наредниот период ќе може, со помош на Локалната самоуправа, да се инвестира во техничко-технолошко осовременување.

OHRIDNEWS: Многу е важно како ќе се одвиваат изборите на 22 март, не само за имиџот на Охрид, туку и за Република Македонија. Очекувате ли фер избори?

ПАВЛОСКИ: Демократијата веќе длабоко е навлезена во сите сегменти на државава, тука е и гласачкиот процес а свеста на охриѓани ќе покаже што точно тие сакаат за Охрид. Очекувам фер и демократски избори. Граѓаните во најголем број ќе го потврдат демократското обележје преку нивното задолжително излегување на избори.Сигурен сум дека својот глас ќе го дадат на вистинскиот човек, а при тоа да не се заложници на притисоци и уцени од поголемите партии.

OHRIDNEWS: И на крајот, да ја слушнеме и Вашата порака до охриѓани?

ПАВЛОСКИ: Пред се, почитувани охриѓани, да излезете на гласање, и својот глас да го дадете  на  кандидатот   за кого  мислите дека најдобро ќе Ви  служи  Вам, граѓаните. Да гласате за чесна и компетентна личност, која може и сака  да Ве сослуша и да ги реши Вашите потреби. Не гласајте мотивирани само од политичка партија, без разлика колку е силна. Партијата не менаџира, менаџира способен градоначалник. Не бидете рамнодушни во моментот кога го заокружувате редниот број, затоа што со тоа ја одбирате иднината на вашите деца а не иднината на некоја партија!   

A.РИСТОСКА