Преживеаните борци и поддржувачите на НОБ, денеска организираа протестен марш на градскиот плоштад во Охрид. Искажувајќи незадоволство од игнорантскиот однос на институциите кон НОАВМ, тие се солидаризираа со борците од Скопје, кои се присилени да се иселат од работните простории.
„Ова претставува омаловажување на борбата и газење на достоинството од борците, кои ги положија своите животи за денешната слобода. Со мерката на присилно иселување на борците од своите простории во Скопје, целта е да се згасне главнината на борчеката непартиска и невладина организација.“ – изјави Василија Цветаноски.
Цветаноски додаде дека борците се доведени во ситуација повторно да жалат за народните херои, чии слики од просториите сега ќе завршат во нечии подруми. „Треба некој да се засрами во нашата држава. Познавајќи го духот на борците без разлика на нација и вера, светите традиции не може никој да ги поништи и прегази. Вакви услови на студ и снег имавме од 41- ва до 45-та година кога се боревме со окупаторот. Денеска мрзниме во нашата држава, за која се боревме, а сакавме само правда, демократија, праведно судство и хуманост. Ако тогаш бевме по планините, сега сме по улиците“ – изјавија борците.
Сотир Пирузе, кој од својата 16-та година му се спротиставил на окупаторот потенцира дека денешниот марш значи условна борба против оние кои ја обезглавуваат НОБ и боречката организација. „Со посебен закон, нашата организација е озаконета во далечната 48-ма година. Според него, надлежните имаат обврска да ја прошируваат организацијата, а не да не носат на улица. Сметам дека во овие одлуки вмешана е политиката, а просториите кои ги владееме повеќе од 60 години незаконски и присилно ни ги одземаат. Надлежните треба да размислат дека оваа неправда ќе ја осудат генерациите кои доаѓаат.“ – додава Пирузе.
Од сојузот напоменуваат дека одлуките донесени од страна на Основниот и Апелациониот суд, ги има поништено Уставниот суд во Скопје.
Маршот започна на градскиот плоштад, продолжувајќи од чаршијата по улицата “Димитар Влахов”, па се до Гимназијата “Св. Климент Охридски”.
OhridNews