Меѓуетничките и меѓунационалните тензии и расправии да се решаваат благовремено за да не прераснат во поголеми конфликти,порача денес претседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески од градскиот плоштад каде со мировен марш и полагање свежо цвеќе на бистите на паднатите борци и илинденци, се одбележа Меѓународниот ден на мирот.
– Доколку веднаш не се изнаоѓаат решенија тие може да резултиираат во конфликти од поголеми размери, жртви, раселени лица, разрушени домови. Да извлечеме поука од грешките направени во минатото, рече Георгиески при тоа, изразувајќи жалење што на настанот присуствуваа само триесеттина граѓани, потенцирајќи дека станува збор за Меѓународен ден кој има големо значење во светот.
Поранешниот претседател на Сојузот на борци, Крсте Крстаноски, нагласи дека последиците од војната не треба никогаш да се заборават од новите генерации.
– Пораките од овој собир се упатени до оние кои не осетиле што значи војна.Тоа е најлошото нешто што може да му се случи на човештвото. Полошо од војна, вода и оган нема. Оваа војна која ја завршивме на 15 мај 1945 година е најмасовната, со најголеми штети и најмногу жртви . Идните генерации не треба да ја забораваат. Но за жал, многу рано, некој од учесниците или блиску до нив, ја заборавија таа војна, рече Крстаноски.
Пред присутните на денешното одбележување на Меѓународниот ден на мирот беше прочитана и пораката на генералниот секретар на ООН Бан Ки- Мун.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на мирот започна во 2001 година со носење на резолуцијата од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, со која се упати покана до сите држави членки на Обединетите нации, регионални и невладини организации и индивидуи да го одбележат на соодветен начин Меѓународниот Ден на мирот.
OhridNews