Охридскиот кошаркар Петар Бошалески испиша значајна страница во македонската кошарка, откако според официјалните податоци стана првиот охриѓанец од осамостојувањето на Македонија кој настапил и постигнал поени за сениорската репрезентација.
Дваесет и двегодишниот Бошалески првите репрезентативни поени ги запиша во 2023 година против Естонија, кога постигна три поени, а месецов беше дел од победата над Луксембург во претквалификациите за Европското првенство 2029, натпревар на кој реализираше пет поени. На средбата заработи и полесна повреда на скочниот зглоб, која, според првичните информации, не е од посериозна природа.
Бошалески претходно беше стандарден член на младинските репрезентации на Македонија, а сега успешно го прави и преминот во сениорскиот национален тим.
Македонската репрезентација со максимален ефект – шест победи во исто толку натпревари – го освои првото место во групата и обезбеди пласман во втората рунда од претквалификациите за Европското првенство 2029, продолжувајќи ја борбата за место на континенталниот шампионат.
Надвор од терените, Бошалески внимателно ја гради и својата иднина. Ги следи натпреварите од Евролигата и НБА, навива за Бостон Селтикс, а образованието го насочи кон спортската медицина и нутриционизмот.
Г.М.
Фото: Архива Петар Бошалески














