Река народ од утрово се слева кон православните храмови во Охрид. Централната богослужба се одржа во црквата Св. Ѓорѓи во Горна влашка маала, на која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Празнична богослужба имаше во сите парохиски цркви во Охрид, освен на Плаошник.
По завршувањето на светата архиерејска литургија, верниците кои ги постеа Божикните пости ја примија светата причест, си го честитаа празникот, палеа свеќи и се помолија за здравје, мир и среќа.
„Овој ден е еден од најголемите христијански празници за нас православните. Тогаш граѓаните и сите верници на еден начин се сплотуваат и го слават раѓањето на синот единец на Бога. Следните 12 дена се некрстени, се до крштевањето Христово на 19-ти.“ – вели една наша сограѓанка.
Божик е семеен празник. На овој ден традиционално семејствата се собираат на празничен ручек
„Изминатиов период беше исполнет со голем број празници, кои се паѓаа во пости. Денеска постот заврши, а попладневната трпеза е богата со различна храна. Во домот се собираат потесниот круг на семејството, а сите ние се држиме до онаа традициција – кај и да си, за Божик дома да си. Порано и печалбарите се враќаа на овој свет празник. Тој го сплотува семејството и ја одржува онаа вековна традиција.“ – вели баба Милка.
Божик според православниот обичај се слави три дена.