Роднините и пријателите на Чет Фич (не)пријатно биле изненадени кога пред Божиќ почнале да им стигнуваат негови честитки. 88-годишниот Фич починал во октомври годинава.

Фич бил познат по смислата за хумор која не ја изгубил ни на смртната постела, па така неговото семејство и пријателите деновиве добиле 34 божиќни честитки испишани со неговиот ракопис, а на кои повратната адреса била Рај.

„Го прашав Големиот шеф дали може да се вратам назад за да испратам неколку честитки. На почетокот ме одби, но откако моето инсистирање му здосади, ме пушти откако му ветив дека брзо ќе се вратам. Би сакал да ви опишам како е овде, но со зборови тоа не може да се објасни. Сега морам да се вратам назад. Шефот едвај ме пушти, подобро да не го лутам. Веројатно ќе се видиме наскоро ( со некои од вас побрзо отколку што мислите). Среќен Божиќ. Чет Фич“ пишувало во честитката.


честитката испратена од „рајот“

Долгогодишната пријателка на Чет, Деби Хансен била шокирана.„Прво што ми падна на памет беше „Тој мал гад“. Неверојатно. Ова е баш во негов стил, секогаш мораше тој последен да се смее“.

Честитката е шега која Фич заедно со својата фризерка Пети Дин ја подготвувал повеќе од 20 години. На новинарите им раскажала како постојано додавал нови луѓе на списокот на оние на кои треба да им се испратат честитките и и давал додатно пари како што растела поштарината. Оваа есен, недела дена пред да почине, Чет и рекол:„Веројатно веќе ти здодеа да чекаш да ги испратиш честитките. Мислам дека ќе ги испратиш годинава“.  

Јасминка Т. Момироска