По повод Божик, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот
архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска
архиепископија, упатија празнично послание до верниците и свештенството.

„Празникот на Христовото раѓање е време за облагородување на нашите срца и мисли. Тоа е можност да познаеме – што е свето и што е вистина. „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој”, вели Господ Исус Христос (Јн. 18, 37). Тоа е време погодно да го преиспитаме нашиот однос кон Бога и кон нашите ближни, а и да ја согледаме смислата на нашето назначување и постоење овде на земјава. Затоа, прославувајќи го и овојпат Божик, да се запрашаме: – ќе најдеме ли време да дојдеме и да се поклониме пред олтарот на Вечноживиот Бог и да Го примиме во себе Христа и да исполниме се она што Он ни заповеда? Ќе најдеме ли место за Него во нашиот живот, не само за време на Божикните празнувања, туку и во текот на целата година и во сиот наш живот? Бог нека не исполни со Својата благодат, та секогаш да имаме време и место за Христа Господа.

Божик е празник на мирот, празник на слогата и единството. Затоа ги повикуваме нашите духовни чеда, каде што е присутна меѓусебната недоверба, каде што има расправии и поделби, да го слушнат гласот на Мајката Македонска православна црква и да тргнат по патот на простувањето и помирувањето, а заради сеопштото добро. Никој друг нема толку да ни помогне колку што самите и мораме и треба да си помагаме, конечно, сфаќајќи што е добро и што е зло за сите и разликувајќи ги времените од вечните вредности.

Да го прославиме Божик, денот на Христовото Рождество радосно и достоинствено, и овде во Татковината, а и секаде каде што не има по светот, со љубов и со побожност, онака како што Богомладенецот беше прославен од Дева Марија, од пастирите, од ангелите и од мудреците, во онаа величествена витлеемска ноќ, пред повеќе од две илјади години.

Бог на мирот, љубовта и проштевањето нека биде постојано со сите нас! Честито и благословено Новото лето Господово, Христос се роди! – Навистина се роди!“, се вели, меѓу другото во Божикното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ.

OhridNews