„Празникот на Христовото рождество е ден во кој пак и пак се потсетуваме на благовестената радосна вест за настанот случен во Витлеем, настан единствен во историјата на светот и човекот. Но, и по повеќе од две илјади години од чудесниот настан на Богораѓањето, човештвото сè уште жеднее по мир и добра волја. На светот потребна му е Христовата љубов и вистина! И нема да има мир на земјата, нема да има добра волја меѓу народите сè додека во душите и срцата наши не се роди и не заваладее Христос Господ и не се исполниме со Неговото Евангелие. Токму на Божик, денот кога Го прославуваме Неговото спасоносно рождество, прилика е да се потсетиме на тоа колку достојно го следиме Христовиот пат, колку ги почитуваме и исполнуваме заповедите и законите на верата. Само така подготвени ќе можеме вистински да Му се радуваме со пастирите, да Му се поклониме со мудреците и да Го славословиме со ангелите, и на овој и во сите денови. Амин!
Христос се роди! Честито и од Бога благословено Новото Лето“.