Денес со чувство на одговорност, но и со чувство на гордост го усвоивме најголемиот буџет во историјата на Општина Охрид од 2.325.182.576 денари, кој не е само бројка, туку јасна визија за развој и стабилност. Буџетот за 2026 г. е реален, законски усогласен и одговорно испланиран буџет, плод на транспарентен процес, во кој беа вклучени институциите, стручните служби, месните задници, граѓаните и граѓанските организации. Тој е резултат на слушање, анализа и одговорно одлучување, вели претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Буџетот за 2026 година е развоен буџет со кој се инвестира во: инфраструктура, образование, комунална сфера, економски развој и туризам, култура, спорт и млади, заштита на животната средина, социјална и родова еднаквост. Над 250 милиони денари се наменети за уредување на градежно земиште, а преку бројни капитални проекти се инвестира во реконструкции на улици, локални патишта, водоводна и канализациска мрежа во сите делови на општината. Ова значи подобра поврзаност, побезбедни улици, подобар квалитет на живот за секој охриѓанец, посочува.

Со над 744 милиони денари блок и наменски дотации, вели ќе се инвестира во: основното и средното образование, детските градинки, противпожарната заштита, детската и социјалната грижа, посочувајќи дека образованието е највредната инвестиција.

Затоа обезбедуваме стабилно финансирање, подобри услови и капитални вложувања во училиштата и градинките. Во исто време, со над 73 милиони денари за спорт и рекреација, вложуваме во здрави генерации и активна младина. Со речиси 29 милиони денари за културни манифестации го чуваме и развиваме културниот идентитет на Охрид – град на традиција, уметност и духовност.

Ова, додава, не е бројка на хартија, туку јасна одлука, силна порака и отворена врата за уметниците, децата, творците, институциите и живото културно срце на градот.

Инвестираме во културата затоа што таа не е трошок, туку идентитет, образование, дух и иднина. Буџет што создава, што поддржува, што охрабрува, што ja става културата таму каде што ѝ е местото: во фокусот на градот. Охрид чекори напред. Со визија Со храброст. Со почит кон наследството и одговорност кон иднината. Културата расте. Охрид создава. Туризмот останува силен двигател на локалната економија. Со над 18 милиони денари за развој на туризмот и дополнителни средства за локален економски развој, испраќаме jacна порака: Охрид не живее само од сезоната, Охрид се развива цела година, посочува.

Истовремено, вели, преку програмите за заштита на животната средина, енергетска ефикасност и комунална хигиена се покажува дека развојот мора да биде одржлив, во хармонија со природното богатство кое ни е доверено.

Овој буџет ветува работа, дисциплина и континуитет и не гледа само до крајот на 2026 година, туку поставува темели за долгорочен развој на Охрид како модерен, уреден и достоинствен европски град, додава Божиновски.

OhridNews