Македонија ги преживеала сите понижувања и неправди низ историјата, за сега во 21 век од страна на ненародната Власт да се отворат средновековни прашања и теми за идентитетот, историјата и јазикот. Маските им паднаа, бесрамно го криеја Протоколот во кој сепак скандалозниот Договор со Бугарија, историјата и идентитетските прашања како најболни за Македонија се дел од Преговарачката рамка, рече на денешната прес-конференцијата Перчо Божиновски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.

Пратениците на СДСМ од Охрид, по диктат на Ковачевски докажаа дека Македонија воопшто не им е поважна од партиската наредба околу поддршка на катастрофалниот Предлог на француското претседателство со Советот на ЕУ.

Охриѓани треба да знаат дека истите тие се согласиле за прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение на тема Самуилова држава. Се согласиле дека македонскиот јазик е дијалектна форма на бугарскиот јазик според едностраната Декларација на Бугарија. Ќе им припадне ли честа на двајцата ненародни пратеници од СДСМ од Охрид да ги постават натписите на Самуиловата тврдина, спомениците на светите браќа Кирил и Методиј, свети Климент Охридски и свети Наум Охридски дека се дел од бугарската историја?, вели Божиновски.

Ако ги штитат македонските национални интереси наместо предавство, вели Божиновски, нека побараат признавање на Македонците и извинување од Бугарија кон сите потомци за злосторствата и репресиите на бугарскиот фашистички окупатор на македонска територија.

Промена на Уставот нема да има, дојде времето кога гласно треба да кажеме НЕ за оваа предавничка и антимакедонска Влада која мора што поскоро да падне!, додава Божиновски.

OhridNews