Заложбата на Советот на Општина Охрид и советниците ќе биде насочена кон поддршка на 10 приоритетни проекти за Општината како дел од програмата на идниот градоначалник Кирил Пецаков, Модерна општинска инфраструктура, Локална стратегија за економски силна општина, Општината во дигитална ера, Инвестираме во спорт и во здрави навики, Зелена, чиста и енергетски ефикасна општина, Поддршка и промоција на локалниот туризам, Поддршка на културата и културните настани, како и реализација на вистинските идеи од охриѓани за добробит на сите, рече на денешната прес конференција носителот на советничката листа на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ за претстојните локални избори, Перчо Божиновски.
Ги обединивме искуството и младоста, енергијата и мудроста, визијата и традицијата. Тим на чесни, вредни и посветени луѓе кои работат за доброто на Охрид и охриѓани. Луѓе кои ја поминуваат улицата, кои доаѓаат од маалата и населените места, кои ги споделуваат вашите проблеми и вашите соништа, се радуваат на вашите успеси и не ветуваат чуда, туку макотрпна работа и одговорност, истакна Божиновски.
Посочи дека станува збор за најсилната, најподготвената и најодговорната листа на кандидати за членови на Советот на Општина Охрид.
Ова е избор дали ќе останеме исправени и ќе одиме напред или ќе дозволиме да не вратат назад, таму каде што се губеше надежта и се рушеше довербата. За победа уште во првиот круг на Кирил Пецаков и освојување на мнозинството во Советот на Општината. Со чесност, со работа и со истрајност. Времето на Охрид и Македонија допрва доаѓа. Со надеж, оптимизам и непоколеблива волја да продолжиме да бидеме силата на промените, додаде Божиновски.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска