Низа критики до актуелната локална власт и градоначалникот упатени на денешната прес конференција на општинската ВМРО ДПМНЕ, што ја одржа, портпаролот и шеф на центарот за комуникации на општинскиот комитет, Перчо Божиновски. Како што рече Божиновски, одлика на СДС и градоначалникот станало противзаконско работење, брутално кршење на законот и носење незаконски одлуки извршувајќи криминал.

Божиновски побара одговор на неколку прашања за кои, како што потенцира, јавност асеуште не добила одговор.

– Зошто градоначалникот Јован Стојаноски не презема мерки за ставање вон сила на противзаконски донесените одлуки за управни и надзорни одбори, знаејќи дека по поднесена претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа, тој е должен да донесе решение за запирање на примената на одлуките? Кој од новоизбраните членови на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија во Охрид: поседува меѓународно признат сертификат за познавање на странски јазик и положен психолошки тест и тест за интегритет, согласно „Законот за јавните претпријатија“? Зошто нема кривична одговорност и не е разрешена директорката на ЈП „Градски Гробишта“ од страна на градоначалникот Јован Стојаноски?, праша Божиновски.

Тој потенцира дека јавноста не добила одговор за тоа- во кое својство се обраќа до приватен оператор, дали има одобрение од надлежните органи, во интерес на кого и кој е толку моќниот граѓанин пред кого не покажала непослушност.

– По срамната одлука на нестручниот Управен одбор да не се дозволува закоп на покојници сже додека не се плати целосно гробното место замислете повторно се прекршува законот. Директорката потпишува противзаконска одлука донесена од Управниот одбор за изнајмување тезги за цвеќе и свеќи без оглас за јавна набавки и што е уште посимптоматично давајќи ги повторно по иста цена на истиот закупец на кого не му бил продолжен договорот. Зошто не е избран најповолен понудувач на оглас? Повторно ли се слушаат партиските наредби?, рече Божиновски.

Од ОК на ВМРО ДПМНЕ обвинуваат за брутална партизација на претпријатијата и дека со поставување некомпетентни партиски кадри, Охрид се турка во хаос.

OhridNews