Несериозната африканска селекција во текот на денешниот ден испрати писмо со кое го откажа учеството на турнирот во Охрид.

Разочарувачки информации дојдоа од менаџментот на селекцијата на Брегот на Слоновата Коска, која требаше да учествува на турнирот во Охрид. Заради, како што се наведува, проблеми со патните исправи и штрајкови во авио-сообраќајот ?? Селекцијата која ќе настапува на Светското Првенство во Турција во Септември го откажа своето учество откако сите организациски детали и ТВ преноси беа веќе договорени.

За несериозноста на оваа селекција, МКФ ќе ја информира ФИБА и ФИБА Африка и согласно актите за настапи дури и на неофицијални натпревари кои се претходно писмено потврдени, ќе бара максимална казна за ваквиот потег.

Во моментов МКФ забрзано се обидува да обезбеди четврти учесник, заради исполнување на предвидената програма на турнирот, како и заради овозможување на нашите други гости да одиграат по 3 натпревари во четирите дена престој во нашето летувалиште. Комбинациите за четврта селекција ги прават екипа на американски кошаркари која се наоѓа на промотивна турнеја низ Европа, како и нашата Б репрезентација, која настапи против Србија во Белград.

“Иако нема многу време за маневар, ние ќе се обидеме, најмногу заради Црна Гора и Катар да обезбедиме каков-таков четврти учесник“ – изјави Илија Мерџановски директор на националните селекции на Македонија.

“Брегот на Слоновата Коска е завршена приказна, ние ќе поведеме постапка пред органите на ФИБА за нивниот потег, но во моментов е најбитно да на нашите гости им овозможиме она што беше и претходно договорено, 3 натпревари на турнирот. Ќе биде тешко, заради немањето време за такво нешто, поголемиот број на играчи од нашата Б селекција се на одмор, но до последен момент ќе се бориме да составиме комбинирана селекција која ќе спарингува на останатите три екипи.“ – заврши Мерџановски

Ohridnews