Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со британската вечер, со концертот на пијанистот, маестро Бери Даглас.

Меѓународната кариера на Даглас започнува по победата и закитувањето со златен медал на престижниот натпревар „Чајковски“ во Москва во 1986 година. Како уметнички директор на Камерата Ирска, единствен комплетно ирски ансамбл, како и на Фестивалот во Кланденбој, тој продолжува да го слави своето ирско потекло, додека е постојано присутен на меѓународната музичка сцена. Последните неколку сезони настапува на турнеи низ В. Британија со Естонскиот национален симфониски оркестар, како и со Варшавската филхармонија и Националниот оркестар во Лил (Франција). Настапува и со Лондонската филхармонија, оркестрите во Санкт Петербург и Москва, Рускиот национален оркестар, оркестрите во Ванкувер и Колорадо, како и со оркестарот „Хале“ во Манчестер.
Како музичар со рецитали и камерен музичар, Бери Даглас настапува во престижни сали како Ројал Алберт Хол, Барбикан и Вигмор Хол во Лондон, на фестивалот во Вербие, во Забранетиот град и во концертната сала во Пекинг, во Големиот театар во Шангај како и во други градови во Кина. Во минатото настапувал со Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, Симфонискиот оркестар на Сингапур и Берлин, Штатскапеле Хале, оркестрите во Синсинати, Сиетл, Мелбурн, Сиднеј, Кралската филхармонија во Ливерпул, филхармонијата во Хонг Конг и др.

Во 1999 година го основа камерниот оркестар Камерата Ирска кој има за цел да ги обедини најталентираните млади музичари кои живеат во Северна Ирска и Република Ирска. Покрај што овој оркестар се стреми кон високо професионални изведби, меѓу останатото има за цел да промовира дијалог и соработка преку музичкото образование. Редовно настапуваат на турнеи низ целиот свет, а еден од најзначајните настапи е оној на фестивалот Би-Би-Си Промс, како и светската премиера на нова кантата заедно со Лондонскиот симфониски оркестар со цел промоција на изборот на Дери – Лондондери за град на културата во 2013 година.
Во 2021 година Бери Даглас е одликуван со орден „Командир на Британската империја“ за заслуги во музиката и општеството. Ова одликување доаѓа по неговото прво големо признание во 2002 година кога е одликуван со орденот „Order of the British Empire (OBE) за неговата работа во областа на музиката.
OhridNews











