Најголемата ѕвезда која што ќе настапи на 51-то издание на фестивалот „Охридско лето“, британскиот виртуоз на виолина Најџел Кенеди, вечерва пристигнува во Охрид и ќе биде сместен во хотелот „Инекс Горица“.


На негово барање ќе му биде отстапен претседателскиот апартман. Освен оваа желба виртуозот на виолина на организаторот на фестивалот му испратил рајдер листа со специфични барања, меѓу кои е собна температура од 21 степен целзиусов и влажност од 55%. Во апартманот во кој Кенеди ќе престојува треба да биде поставено пијано со висок квалитет, наместено на 440 Хз пред неговото доаѓање. Нагласено е, поради алергии, постелнината за Најџел да биде синтетичка, без пердуви и перници, а во апартманот може да има само зеленило, но не и цвеќиња.

Поради староста на виолината на Кенеди во рајдер листата се наведени и посебни барања за влажност на воздухот во сите соби од апартманот. Што се однесува до кетерингот, во соблекувалната на Кенеди за време на пробите и настапот треба да има: негазирана вода Евиан, Еарл Греѕ и зелен чај, печено пиле, Нигири суши и свежо овошје. За концертот треба да бидат обезбедени и шампањско Veuve Clicquot, локално пиво или пиво Chech Pilsner и квалитетно австралиско црвено вино Shiraz.

Како секогаш, така и годинава, „Охридско лето“ е подготвено да им излезе во пресрет на желбите на големите музички ѕвезди кои ќе настапат на фестивалот. Освен специфичните барања за влажност поради староста на неговата виолина која што е изработена во 1732 година од големиот мајстор Карло Бергонѕи, од Италија, во рајдер листата која што ни ја испратија од менаџерскиот тим на Кенеди нема друго поголемо барање – вели музичкиот селектор на фестивалот проф. Гордана Јосифова – Неделковска.

Концертот на виртуозот Најџел Кенеди ќе се одржи во сабота на 16-ти јули, во предворјето на црквата Света Софија со почеток во 21 часот. Влезниците за овој концерт се по цена од 1.000 денари и може да се набават во Дирекцијата на фестивалот и преку продажната мрежа на „Купи карти за се“.

OhridNews