Брод амбуланта опремен  и екипиран со спасувачи на вода и медицински тим, ќе патролира на најфрекфентните плажи на охридската ривиера. Овој пловен објект ќе функционира во рамки на Единицата за безбедност на вода на општинската организација на Црвениот крст, која години наназад посветено работи на оспособување  професионални, мобилни  тимови на спасители на вода и тимови за укажување на прва помош, како и обезбедување на потребната опрема за нивно делување.

– Бродот амбуланта може да пристапи до Заводот за кардиологија и до специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, а доколку е потребно одредено лице да се пренесе до општата болница, Црвениот крст на располагање има и опремено амбулантно возило, изјави за OhridNews, Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.
  
Долгогодишна интенција на Црвениот крст е да се формира Центар за безбедност на вода на Охридското Езеро, кој ќе ги координира институциите задолжени за безбедност и укажување помош при несреќи, повреди и здравствени проблеми на ривиерата, особено во летниот период кога бројот на жители во градот речиси се удвојува, а пристапот до плажите по копнен пат е отежнат.

-За жал Центарот за безбедност на вода и покрај тоа што формално правно е формиран сеуште нема локација. Ги  исполнуваме сите услови од број на инструктори, спасители , опрема според критериуми на Интернационалната федерација за безбедност на вода, но властите во Охрид и во државата сеуште неможат да најдат соодветна локација за Центарот за безбедност на вода кој треба да биде сместен покрај брегот, а не некаде на планина, резигнирано објаснува Точков.

Бродот амбуланта утре за прв пат официјално ќе исплови во мисија на Охридското Езеро, а со неговото делување значително ќе се зголеми нивото на безбедност на капачите и корисниците на пловните објекти и ќе се овозможи брз и ефикасен транспорт на повредени до соодветните медицински установи.

Г. Момироски