Охридскиот Црвен крст  кој неодамна го промовираше Бродот амбуланта се соочува со опструкции од дел од јавните здравствени организации, кои ја оспоруваат работата на специјалниот пловен објект за медицинска помош, кој ги опслужува спасувачките тимови, кои согласно законот се грижат за безбедноста на присутните на плажите издадени под концесија.

– Имаме  полна поддршка од граѓаните за нашата работа, но за жал дел од институциите на кои што се надодава оваа наша служба, која што им користи, им служи и ги штеди нивните ресурси и која што им помага, а се со цел да се излезе во пресрет на оние на кои што помошта им е потребна, немаат разбирање и со скепса гледаат на оваа наша активност и дури преземаат некои законски мерки против Црвениот крст, изјави Сашо Точков, претседател на охридскиот Црвен крст.


Тој укажува дека Бродот амбуланта кој го опслужуваат волонтери функционира согласно законот според кој Црвен крст ја организира службата за безбедност на вода за укажување на помош за спасување и прва медицинска помош.

-Спасителнот брод ги опслужува спасителите и целта е навреме да стигне до местото каде треба да дејствува, односно да укаже помош, а на сето тоа треба да се надоврзат сите други институции кои што понатаму треба да ги прифатат повредените или болни лица.-објаснува Точков.

Тој не гледа причина зошто се оспорува функционирањето на Бродот амбуланта, кој е единствен од ваков вид во државата, но смета дека веројатно во прашање се лични суети. Претседателот на Црвениот крст изрази длабока разочараност од односот на надлежните институции кои со години ги игнорираат проблемите од областа на безбедноста на вода, најавувајќи дека поради тоа организацијата е приморана да забави со реализиација на бројни проекти, бидејќи одговорните служби воопшто не ги следат иницијативите.


Наспроти критиките, стручната јавност смета дека пуштањето во употреба на Бродот амбуланта е од исклучителна важност, затоа што во битката за спасување живот времето е пресуден фактор. Својата целисходност овој пловен објект ја покажа и при неодамнешниот инцидент кога глисер се запали во водите на Охридското Езеро во близина на Елешец. Бродот амбуланта на местото на настанот пристигнал за 14 минути, додека по копнен пат на возилата на другите здравствени служби им беа потребни повеќе од 40 минути.

Бродот, кој сега е подвижна амбуланта,  на Црвениот крст бесплатно во период од две години  го отстапи охриѓанецот Горан Пржинов, а локалната самоуправа и донатори помогнаа тој да биде соодветно опремен. Го опслужува обучен тим спасители, медицинска екипа и капетан.

Г. Момироски