По неколкугодишното одлагање, ветената бродска линија Поградец-Охрид-Струга, конечно ќе стартува од 15 јуни. Ова го соопшти албанскиот министер за транспорт и врски, Едмонд Хаџинасто за време на посетата на Поградец, каде одблиску се запознал со подготовките за престојната туристичка сезона, но пред се со текот на работите околу изградбата на потребната пристанишна инфраструктура за закотвување на бродот, информира весникот „Дневник“.

– Оваа водна линија која ќе стартува  оваа туристичка сезона, ќе даде нов импулс за развој на туризмот во Поградец. Реконструкцијата на пристаништето се прави со цел да се воспостави бродската линија со Охрид, но јас сум убеден дека ќе даде еден целосно нов импулс за сите туристички услуги во Поградец и за сите други оператори кои ќе бидат заинтересирани, – изјави Хаџинасто. 

За разлика од Хаџинасто кој не сакаше да го аргументира доцнењето на ставањето во функција на водната линија од Поградец кон Охрид, градоначалникот на Поградец, Артан Шкмби, за тоа ја обвини претходната влада, која поради „разните бирократии со години не ги подржувала локалните власти од двете држави да ја реализираат оваа идеја“.  

– Според договорот меѓу министерствата за транспорт и врски на Македонија и на Албанија,  бродската линија ќе функционира до 15 септември, ќе го олесни патувањето не само на жителите од Поградец, туку и на оние од Охрид и Струга, – изјавил Шкмби.

Според него се очекува функционирањето на бродската линија во Поградец да донесе  многу туристи, кои се сместени во Охрид или Струга а имаат желба барем на неколку часа или на еден ден да дојдат во нивниот град.

OhridNews

извор Дневник