Притоа, полициските службеници, констатирале низа прекршоци направени од страна на сите учесници во сообраќајот.
– Пешаците, како учесници во сообраќајот не ги користат тротоарите и не се движат по другите површини наменети за нив, коловозите често ги минуваат на необележани места и далеку од обележаните пешачки премини, ја прескокнуваат бетонската ограда посебно на булеварот „Туристичка“. Забележани се чести прекршоци од возачите на велосипеди, кои ретко ги користат велосипедските патеки. Тие и понатака се движат по коловозните ленти, по тротоарите или управуваат велосипедот во спротивен правец и низ едносмерни улици, велат од СВР- Охрид.
Додаваат дека бројни прекршоци во сообраќајот прават и возачите на патнички и товарни моторни возила, како и возачите на такси возилата.
– Тие неправилно и непрописно ги паркираат возилата и го попречуваат нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, земаат патници не водејќи доволно грижа за местата на коловозите каде застануваат и за безбедноста на патниците. Возачите на возилата не ги почитуваат сообраќајните прописи за ограничување на брзината, неправилно се паркираат по коловозите низ градот посебно во централното градско подрачје, непрописно се престројуваат и непотребно се задржуваат на одредени места на коловозот, информираат од СВР- Охрид.
Оттаму, потенцираат дека со цел безбедно одвивање на сообраќајот и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи, полициската станица за безбедност на сообраќајот Охрид, презема засилени и интензивни мерки за надминување на овие состојби. Најавуваат секојдневни сообраќајните патроли кои покрај превентивни ќе преземаат и казнени мерки кон сите учесници во сообраќајот кои ќе ги прекршат законските одредби на законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.